Вработените во УЈП ќе штрајкуваат без да ги извршуваат своите обврски од работното место по два часа секој ден
Вработените од Управата за јавни приходи од денеска, секој нареден ден од 10 до 12 часот, ќе штрајкуваат без да ги извршуваат своите обврски од работното место, а доколку надлежните не ги прифатат нивните барања, не се исклучува можноста да стапат и во генерален штрајк.
Вработените од УЈП пред два дена одржаа протест пред Министерството за финансии, од каде што побараа потпишување на колективниот договор за покачување на платите за 30 отсто.
Тие тврдат дека претходно со министерството бил постигнат договор во кој тие направиле отстапки на определени права, но од непознати причини тој сè уште не е потпишан од министерот Бесими.
Од Министерството за финансии, пак, рекоа дека Владата се залага за систем за раст на платите во целиот јавен сектор, а поткрепа за ова е континуираниот раст на платите во јавниот и приватниот сектор и покрај неколкуте напоредни глобални економски кризи во изминатите три години.
Од Министерството за финансии велат дека во подготовка е нов Закон за плати на вработените во јавниот сектор и нов Општ колективен договор за јавниот сектор, кој во иднина ќе овозможи континуиран раст на платите.
Барањата на вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) се токму во согласност со заложбите на министерот за финансии за законито постапување. Оттаму велат дека потребните средства за исплата на платите, согласно новиот колективен договор се обезбедени во буџетот на УЈП за 2023 година.
На предупредувачки протест утре најавија дека ќе излезат и вработените во Царинската управа бидејќи со години наназад не го добиваат она што им следува согласно закон и Колективниот договор, а тоа е исплата на додаток од 30 отсто од платата.
Доколку цариниците не наидат на слух од надлежните институции во врска со нивните барања, тие ќе ги радикализираат протестите, а една од опциите за кои веќе размислуваат е затворање на граничните премини.