Вработените во Царинската управа во петок излегуваат на предупредувачки протест барајќи зголемување на платите за 30 проценти.
Доколку платите не им бидат зголемени можно е протестите да се радикализираат со затворање на граничните премини. Во оваа институција платите со години не биле зголемени, а правото на 30 процентен додаток го имаат веќе во колективниот договор, но тоа покачување никогаш не им било исплатено, вели претседателот на синдикатот на Управата, Трпе Деаноски.
„Вработените во Царинската управа веќе со години наназад иако имаат право со закон и колективен договор дека треба да им се исплаќа додаток на плата од 30 проценти тој додаток никогаш го добиваат. Видовме дека министерот за финансии со измени за Закон за буџет си обезбеди 30 проценти покачување на плата во Министерство за финансии. Доколку не нè сослушаат можам да кажам дека протестите како предупредување ќе се радикализираат ќе размислуваме за затворање на гранични премини“, рече Деаноски.
Но, министерот Бесими останува на ставот дека се спрема севкупно решение за сите вработени во јавниот сектор. Додека тоа не се случи, ниту една институција посебно не треба да очекува поединечни решенија за зголемување на платите.
„Принципиелниот став на кој сме усогласени е дека се работи на потпишување на општ колективен договор што ќе важи за сите вработени во јавниот сектор и таму имаме дефинирано процес и се водат преговори за тоа и очекуваме да се усогласат становите“, рече Бесими.
Револтот и кај вработените во Царина, но и кај оние во Управата за јавни приходи доаѓа откако Бесими одлучи да се зголемат платите за 30 проценти само за вработените во неговото министерство, а не и во другите институции кои се под негова надлежност. Од УЈП најавија генерален штрајк на работните места, а од синдикатот на Управата соопштија дека и вработените во други институции ќе започнат со предупредувачки протести.