Август е најбериќетниот месец во годината за собирање на патната такса за користење на автопатиштата низ Македонија. Секако, најмногу пари од патарина се собираат на Коридорот 10 – од Табановце до Гевгелија по чија должина има пет патарини за кои во еден правец треба да се плати по 360 денари.
На патарините долж автопатот „Пријателство“ деновиве е гужва, а најзабележливи се возилата со регистарски таблици од Србија кои водат до кон посакуваните туристички дестинации во Грција. Сумата од наплата на патната такса од минута во минута се зголемува, а колку пари ќе бидат собрани во трите летни месеци кога е и најголемата фреквенција на возила, ќе се знае по завршување на летната сезона.
На патарините во државава од почетокот на годинава заклучно со 31 мај од наплата на патарина остварен е вкупен промет од 1.321.951.952 денари (21.495.154 евра). Остварен е зголемен промет во однос на истиот период во 2022 (за првите пет месеци) во висина од 248.009.407, денари повеќе, или изразено во евра 4.032.673 поголем промет што претставува зголемување од над 23 проценти.
Во последните три години на автопатот „Пријателство“ од патарини Јавното претпријатие за државни патишта во 2022 година наплатило рекордни 32 милиони и 212 илјади евра, преклани биле собрани 26 милиони и 335 илјади евра, а во 2020 година ќарот изнесуваше 18 милиони и 584 илјади евра. Или за 3 години од наплата на патарина биле собрани над 77 милиони евра.
Извор: vecer.press