Речиси секоја сезона охридските угостители се мета на незадоволни гости кои на социјалните мрежи објавуваат фотографии од фискални сметки со високи цени за наплатени услуги и производи.
Колку тие статуси навистина ја отсликуваат реалната состојба за тоа дали и колку е Охрид скап за туристите, е предмет на дискусии и расправии, поделени мислења, лични ставови, споделени непријатни искуства. Најмногу разлики во ставовите има на релација угостители и гости, а реалноста секогаш како по правило е некаде на средината…
Генералниот став е дека има услуги и производи што навистина се скапи, но и тоа е релативно доколку се суди според она што таа цена навистина отсликува.
Ставот на охридските угостители е дека Охрид не е ништо поскап од поголемите градови во земјата, особено споредбено со главниот град. Тие посочуваат дека цените се формираат врз основа на многу фактори, за кои обичниот гостин воопшто и не размислува кога ќе одбере каде ќе ги троши своите пари. Речиси по правило се објавуваат највисоките цени на услугите, а не се посочува дека тоа без исклучок се сметки од најекспонираните објекти на ривиерата, каде локацијата ги диктира цените.
Тие сметки се секогаш од угостителските објекти на првиот ред до езерото, каде секој од туристите треба да знае дека се и највисоки. Тоа се објекти кои имаат и највисоки давачки, од цена на закуп на локал, до цена на изнајмување простор за урбана опрема…
Цените на сите производи се истакнати пред речиси сите објекти на ривиерата. Сите гости сакаат да седнат и да пијат кафе, сок на маса веднаш до езерото, а не ги интересира тоа што давачките на тие објекти се највисоки. Многу од гостите, најмногу домашните, сакаат да седнат на најатрактивна позиција, во најекспонираните локали, да уживаат за своите пари, што е разбирливо, но математиката на угостителите и конечната пресметка за тоа колку нешто треба да чини е многу поинаква.