Истражувачите од Универзитетот во Лидс ја откриле вознемирувачката вистина за уредите за сушење на рацете што се наоѓаат во јавните вециња. Тие откриле дека овие популарни уреди се крајно нехигиенски и полни со бактерии. Доколку не ги измиете вашите раце соодветно, и притоа го искористите уредот, воздухот што извира од него ќе ги расфрла бактериите во воздухот и на околните површини, правејќи го вецето совршена површина за размножување и пренесување на бактерии.
За да се покаже штетноста на овие уреди, во експериментална лабараторија бил реконструиран јавен тоалет со уреди за сушење на рацете. Се покажало дека уредите вовеле 27 пати повеќе бактерии во воздухот отколку хартиените крпи, и дека овие микроорганизми останале да кружат во воздухот во наредните 15 минути.
Професорот Марк Вилкокс и неговите колеги започнале да испитуваат како овие уреди влијаат врз ширењето на бактериите во болничките бањи. Испитувањето се одвивало во болниците на три града: Лидс, Париз и Удине во времетраење од 12 недели. За секоја болница биле избрани два тоалети кои биле користени од страна на пациентите, вработените и посетителите, и секој тоалет нудел само една од двете опции, или уред за сушење на рацете или хартиени крпи. Примероци од воздухот и брисеви од површините на тоалетите биле земани секој ден во период од четири недели. После пауза од две недели, секој тоалет ја заменил понудата. Па така, доколку првиот месец тоалетот нудел само хариени крпи, вториот месец во истиот тоалет рацете ќе можеле да се исушат само со помош на уредот. Оваа постапка се повторила три пати.
Резултатите покажале дека вкупната количина на бактерии во воздухот и на површината била многу повисока во оние тоалети во кои се користеле уредите за сушење. Најголеми разлики биле забележани помеѓу површината на уредот и површината на кантата каде биле фрлани хартиените крпи. Во Удине, уредот за сушење бил 100 пати повеќе покриен со бактерии , во Париз нивото на бактерии било за 33 пати повисоко, а во Лидс таа бројка изнесувала 22.
Во британските тоалети, озогласената МРСА била пронаоѓана три пати почесто за време на употребата на уредите за сушење, отколку кога истите тие не биле присутни во тоалетите.
Проблемот започнува бидејќи повеќето луѓе не ги мијат рацете правилно, вели Вилкокс. Уредот создава аеросол што ја контаминира просторијата вклучувајчи го и самиот уред, а во зависност од дизајнот на уредот и неговата местоположба можат да бидат контаминирани и мијалниците, подот и останатите површини.
Хартиените крпи ја апсорбираат водата и микроорганизмите кои остануваат на рацете, и доколку тие се фрлат правилно помали се шансите за вкрстена контаминација.