Терминот „минимална брзина“ не постои во германскиот закон за патен сообраќај (StVO), но постои регулатива според која возилата кои не можат да развијат брзина поголема од 60 км/час не смеат да се движат на автопат во Германија.
„Без валидна причина, моторните возила не смеат да возат толку бавно што да го попречуваат протокот на сообраќај. Возачот мора да вози во рамките на локалните ограничувања на брзината на начин што придонесува за протокот на сообраќајот. Границата за бавно возење е затоа онаму каде што другите се намерно попречени“, е одговорот на ADAC на сите кои се прашуваат колку е минималното ограничување на брзината на автопатот во Германија.
Имено, според Законот за патен сообраќај (StVO), на автопати се дозволени само оние возила кои поради своите перформанси можат да возат побрзо од 60 км/час, објави ADAC.
Секој што намерно ги попречува другите возила со бавно возење може да биде казнет со 20 евра.
Прописите за патниот сообраќај, исто така, налагаат брзината да се приспособи на околностите, вклучувајќи ги условите на патот, условите во сообраќајот (на пр. метеж или бавен сообраќај) и временските услови.
Индивидуалните возачки вештини исто така играат улога: на пример, возачот почетник може да вози повнимателно и побавно.
ADAC исто така наведува големи и тешки возила, како и постари автомобили со мала моќност на моторот како уште една можна причина за малата брзина на автопатот.
Во јуни, организацијата Deutsche Verkehrswacht (DVW) се залагаше за ограничување на брзината од 130 километри на час на автопатите и стандардна брзина од 80 километри на час на патиштата надвор од градовите.
„Ако ја намалиме брзината во патниот сообраќај, можеме ефективно да спречиме многу сериозни несреќи“, рече претседателот на DVW и поранешен федерален министер за транспорт Курт Бодевиг.