Стартуваше летниот режим на огранично движење моторни возила низ стариот дел на Охрид
Сообраќајот во стариот дел на Охрид од денеска ќе се одвива според летниот режим, што значи движење за моторни возила низ тој дел на градот само за жителите и оние субјекти што поседуваат специјални пропусници.
Согласно донесената одлука на Општина Охрид, а на барање на УНЕСКО за ограничување на бројот моторни возила низ старото градско јадро, влез со моторни возила ќе биде дозволен само со посебни картички што им беа издадени на жителите на Стар град и на станоиздавачите од тој дел на градот кои поседуваат сопствени паркинг-места.
Теодор Андоновски, директорот на ЈП „Билјанини извори“ што стопанисува со паркиралиштата низ Охрид, за МИА изјави дека за влез во тој дел на градот се издадени речиси илјада пропусници, од кои дел се за службени возила, како и картички со ограничено времетраење во зоната, наменети за дотур на стоки.
На трите влеза во стариот дел на градот се поставени рампи при што влез ќе биде дозволен само со соодветни картички, со тоа што поминување со моторно возило низ пунктот на Кејот на езерото кај Градското пристаниште нема да биде дозволено во периодот од 20 часот до пет часот наутро.