Не може да се плаќа со картичка, ниту да се извадат пари од банкомат.
Од утринава граѓаните по социјалните мрежи се жалат дека платежните картички од банките не функционираат. Не можат да платат во маркет бидејќи картичките не поминуваат на поставените терминали, ниту пак да извадат готовина од банкомат. Освен низ земјава, граѓаните не можат да ги користат картичките ниту во други држави.
Ваков проблем има во сите банки. Од банкарската асоцијација потврдуваат дека дел од услугите, поврзани со картичните брендови VISA и MasterCard се недостапни – на банкомат или во трговија. Но, која е причината за проблемот одговор нема.
„Членките на Македонската банкарска асоцијација се во интензивна комуникација со картичните брендови VISA и MasterCard, и од досегашните анализи може да се каже дека причината за проблемот не е поврзана со националните телеком оператори, ниту со поединечните системи на банките. Се надеваме на брзо нормализирање на сервисите.“ информираа од МБА.
Сепак уверуваат дека средствата кои ги имаат клиентите се достапни во сите експозитури и филијали.
Дел од банките на своите сајтови веќе информираа за проблемот и ги повикаа граѓаните доколку сакаат да извадат готовина тоа да го сторат од најблиската експозитура, а за подигнување средства нема да им биде наплатен никаков надоместок.