Сензационална вест пристигнува од германските научници. Оживеале црви замрзнати пред 46.000 години. Утврдено е дека станува збор за досега непознат вид.
Откриени се црви стари 46.000 години. Тие се современици на одамна изумрените волнени мамути. Замрзнати се во текот на последното ледено доба. Пронајдени се пред неколку години во примерок од сибирски пермафрост на длабочина од околу 40 метри.
Црвите во пермафростот биле во криптобиоза – состојба во која метаболичките процеси се речиси сопрени. Научниците досега имале докази дека црвите на тој начин можат да минат неколку децении.
Го создаваат тој шеќер, трехалоза, која некако им помага во заштитата на ДНК и протеините додека се во таа фаза на одмор. Проверувајќи ја базата на податоци, не можевме да пронајдеме ниедна генетска секвенца која е еднаква на онаа која ја пронајдовме. Тоа е нов вид – рекол д-р Филип Шифер од Универзитетот во Келн.
По одмрзнувањето црвите живееле еден месец, но зад себе оставиле стотици нови генерации.
Проучувајќи го овој вид, споредувајќи ги геномите и гледајќи како се прилагодиле на екстремните временски услови, можеме многу да научиме за конзервациската биологија. Можеме да научиме работи кои би ни биле од помош за да ги спасиме загрозените видови и да размислиме за мерките за заштита, порачал Шифер.
Научниците предупредуваат дека со глобалните климатски промени и топењето на мразот и пермафростот, би можеле да се соочиме со досега непознати видови.
Не се одмрзнуваат само овие црви, се одмрзнуваат и бактерии. Може да има опасни работи скриени таму. Не сакам да предизвикам паника или нешто такво, но тоа е возможно, истакнал Шифер.
Бидејќи како црвите, пермафростот би можел да крие и одамна исчезнати видови на бактерии и вируси кои би можеле да предизвикаат глобални здравствени проблеми.