Грчката влада ќе им понуди една недела бесплатен одмор на Родос на оние туристи кои беа принудени да го откажат престојот на островот поради разорните пожари, најави денеска грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
„Грчката влада во соработка со локалните власти ќе понуди една недела бесплатен одмор на Родос следната пролет или есен за сите кои го пропуштија поради пожарот“, изјави Мицотакис во гостувањето на британскиот канал ITV.
Тој истакна дека големите пожари отсекогаш се случувале на Медитеранот, но дека нивниот обем е зголемен во последните години поради климатските промени.
„Имавме разорен пожар на Родос, но денес островот се врати во нормала и нема активен фронт“, рече Мицотакис и нагласи дека при пожарот нема човечки загуби, а нема информации за повредени.
Тој додаде дека со големи безбедносни мерки успеале да евакуираат 20.000 луѓе.