Сега, во екот на летната туристичка сезона и во период на натпросечни жештини, ретко кој размислува да започне процедура за менување на личните документи на кои стои старото државно име „Република Македонија“ и вадење нови документи на кои ќе биде напишано новото уставно име „Република Северна Македонија“.
Проблемот е во тоа што времето си лета, а документите со старото државно име ќе важат само до 12 февруари идната година, бидејќи тоа го предвидува Преспанскиот договор, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оттаму велат дека очекувано е во текот на есента и зимата да настане огромен хаос со оглед на краткиот период во кој граѓаните ќе мора да ги променат пасошите, личните карти и возачките дозволи.
Со други зборови, веќе на 13 февруари идната година без нов документ во кој ќе биде напишано „Република Северна Македонија“ нема да ви биде дозволено да преминете надвор од границите на земјата.
Исто така, доколку ве сопре полицаец на улица и доколку забележи дека приложувате несоодветни и неважечки документи, тој има право да ви пише казна.
Проблем ќе биде и тоа што институциите во Македонија нема да ги прифаќаат старите документи со старото уставно име.
„Старите документи после 12.02.2024 година нема да имаат важност, без разлика кога истекуваат. Со стара патна исправа нема да може да се преминува граница, ниту, пак, ќе биде прифатена како документ во институциите. Исто така, со стара возачка дозвола нема да може да се управува моторно возило“, информираат од МВР.
За воља на вистината, кусото време за замена на пасошите и другите лични документи веќе создава долга листа за чекање, па ако се обидете да закажете термин телефонски, резервација за фотографирање ќе добиете за околу еден месец.
Закажувањето преку интернет не успева лесно, па опцијата е да се јавите телефонски. Побрзо термин се добива само по итна постапка, за неколку дена, ама се плаќа три пати поскапо.
Денар разговараше со нашинец кој привремено живее и работи на Малта, а кој е принуден во наредниот период да се врати во Македонија и да ги извади новите документи.
-Имам нов пасош од пред неколку години, ама сега ќе треба да вадам нов со новото уставно име на државата. Проблемот е во тоа што имам многу работа на Малта и немам време да се вратам во земјава. Ако веќе се враќам, времето поминато дома сакам да го поминам со семејството и со пријателите, а не да чекам ред на шалтери, но тоа е што е. Мора да ја завршам и таа обврска, па што биде нека биде – ни изјави нашиот соговорник.
Промената на сите документи за едно четиричлено семејство со двајца возрасни и две малолетни деца ќе чини околу 180 евра.
Освен пасош, со новите цени, треба да дадат по 310 денари за лична карта, 520 денари за една возачка дозвола, 250 за сообраќајна дозвола и 1.250 денари за промена на таблички за еден автомобил.
Цените на пасошите за деца останаа исти 1600 денари, а за деца од 4 до 18 години 1700 денари. Возачка дозвола по итна постапка изнесува 1.230 денари што е зголемување за 390 денари.