Желбите се едно, а можностите се друго. Граѓаните велат дека во поглед на патувањата и дестинациите за одмор, би оделе на многу места доколку имаат можности, но финансиите ги ограничуваат. Сепак, нашите соговорници објаснуваат дека македонскиот народ помалку патува за разлика од странците, и тоа го препишуваат на материјалната состојба, но и на менталитетот.
„Јас би ги посетила Ерменија, Иран и Мароко. Ерменија ја бирам поради тоа што е најстарата христијанска земја, Иран затоа што сум слушнала дека е интересна дестинација и Мароко, за да видам како се прави маслото од арган, а Хрватска ми е топ дестинација каде одам еднаш годишно“, вели Светлана Петковска од Битола.
Сите се согласуваат дека патувањата се богатство.
„Јас сум прагмантична личност, но би патувала секаде, затоа што цел свет е убав, убаво е да се патува“, додава друга наша соговорничка.
Taтјана Стојановска Филиповска од Крива Паланка вели дека запознавањето на различни култури е убаво и таа секаде би патувала.
„Би ги посетила Индија, африканските држави, а сега според можностите патувам во Европа. Во секоја земја има нешто убаво да се види. И рекламата е многу важна, таа ја поттикува желбата за посета на одредена земја“, рече Стојановска Филиповска.
Лиде Стојановска која работи како туристички водич објаснува дека ако има можност би ја посетила Јужна Америка, затоа што работи со туристи од тој дел на светот.
„Би ги посетила Мексико, Канкун, државите од Јужна Америка. Можеби некоја егзотична дестинација, Сејшелите на пример, иако за таму сум слушнала дека визите се проблем. Луѓето обично патуваат во Египет, Тунис, Турција, места кои им се подостапни финансиски“, вели Стојановска.
Податоците на Евростат покажуваат дека голем дел од македонските граѓани не можат да си дозволат одмор.
Повеќе од 65 отсто од граѓаните на Македонија не можат да си дозволат еднонеделен одмор на море, езеро или на планина.
„Најзагрозени се семејствата со еден родител, семејствата со повеќе деца, работниците со месечни примања помали од просекот и пензионерите“, објави политичката партија Левица.
Последната анкета на Евростат, која е спроведена на повеќе од 40.000 испитаници, граѓани на Европската Унија, за тоа колку од нив не можат да си дозволат барем една недела одмор надвор од местото на живеење, покажа дека просекот е нешто над 28 отсто. Најлош е просекот во Романија (62 отсто), Бугарија (48 отсто), Грција (43 отсто) и во Хрватска (42 отсто).