Стапката на невработеност во Шпанија падна во јули петти месец по ред и достигна најниско ниво од 2008-ма година.
Како што соопшти шпанското Министерство за труд, минатиот месец биле регистрирани 2,68 милиони баратели на работа, што е за 10.968 или 0,41 отсто помалку отколку во јуни.
Во годината од јули минатата година, бројот на невработени во Шпанија се намалил за 205.938 или 7,14 отсто, објави германската новинска агенција „dpa“.
Податоците покажуваат дека стапката на регистрирана невработеност е намалена во речиси сите области. Во услужниот сектор во јули биле невработени 7.126 Шпанци помалку отколку во јуни, 1.861 помалку во земјоделството и 964 помалку во индустријата. Од друга страна, бројот на невработени во градежништвото е зголемен за 1.186.
Бројот на невработени млади до 25 години од јуни е намален за 453. Во Шпанија во јули имало 184.038 невработени млади, што е најниско во историјата.
Извор: denar.mk