Граѓаните кои деновиве отидоа да пазаруваат тестенини, особено оние кои ја преферираат италијанската марка „Дивела“, беа шокирани кога ги здогледаа полиците со нивното омилено јадење.
Имено, ако шпагетите и макароните на „Дивела“ се до скоро се продаваа по цени од 42 до некои 48 денари, сега имаат нова драстично зголемена цена, која се движи од 68 денари од пакување за половина килограм, и тоа во оние поевтините маркети, па до над 70 денари во оние полуксузните и поскапите.
Тоа значи дека кај овој вид на тестенини имаме поскапување за над 50 проценти, односно за над 25 денари по пакување, а што е уште поинтересно, тоа зголемување на цените не се сличуваше постепено, туку буквално преку ноќ.
Потрошувачите се прашуваат што се случило и зошто овој производ, кој за многу посиромашни семејства се смета за една од основните прехранбени намирници, доживеа толку брзо и толку силно поскапување.
Инаку, во земјава нема домашно производство на тестенини, па нашите граѓани буквално зависат од увозните цени на овој производ.
Фактор на оваа тема разговараше со Љупче Станковски, земјоделски аналитичар.
Тој вели дека тоа е позната шема на производителите, односно ако пченицата поскапекла на пример за 8 отсто, тие својот производ го зголемуваат за 28 проценти.
Како причина за ова Станковски го наведува поскапувањето на пченицата на светскиот пазар, од 8 до 15 проценти, а според него, тоа се случило бидејќи на европските држави им е отежнат транспортот на украинската пченица.
„Да не се лажеме, 90 отсто од украинската пченица ја купуваа европските држави, и остатокот Турција и Израел. Сега, поради оштетувањето на некои транспортни коридори, отежнат е превозот на овој производ, што го поскапе на светскиот пазар. Сепак, треба да се знае дека на пазарот има доволно пченица во моментов, а приматот на најголем извозник го држи Русија, но европските земји не сакаат да купуваат од таа држава“, објаснува Станковски за Фактор.
Прави споредба со тоа како зголемувањетои на цената на пченицата лани го искористија кај нас производителите на леб, и покрај тоа што во цената на готовиот производ тие имаат и струја, работна рака, превоз и слично.
Инаку, конкретно, како што објаснува, нашите маркети кои ги продаваат овој производ, немаат никаква поврзаност со неговата зголемена цена, бидејќи и тие мора да работат со одредена пресметана маржа. Најчесто тие имаат еден главен снабдувач, а потоа производот го добиваат преку повеќе различни дистрибутери.
„Сега останува на граѓаните да го заменат тој производ со конкурентските, бидејќи е нормално тие да гледаат и да набавуваат тоа што им е најисплатливо“, објаснува Станковски.
Инаку, во март годинава, Владата ги намали царинските давачки на тестенините. Тогаш се најави дека цените на макароните ќе се намалат за 15 проценти, само по основ на укинатите царински давачки за 8 до 9 проценти, рече тогаш министерот за економија Крешник Бектеши, образложувајќи ја Одлуката на Владата за намалување и замрзнување на цените на макароните и на шпагетите.
„Ги анализиравме сите влезни трошоци за 500 грама макарони до цена во малопродажба која е 49,3 денари. Ова е цена со увозните давачки за одредени видови на макарони кои покриваат околу 70 проценти од пазарот. Без увозни давачки, нивната цена ќе биде 41,8 денари, што значи само по основ на увозните давачки цената се намалува за 7-9 денари и очекуваме дополнително намалување од неколку денари поради замрзнатите маржи со претходнаат одлука“, рече Бектеши.