Најпосетените туристички дестинации во Србија, барем кога станува збор за македонските туристи, минатиот јули и август беа Сокобања, Врњачка Бања, Златибор, Копаоник и Фрушка гора.
За читателите кои и ова лето планират да го поминат одморот на некоја од најпопуларните српски дестинации, Денар се потруди да направи преглед на најповолните цени за сместување во приватните и во хотелските капацитети.
Скоро без исклучок, за сите гости е обезбеден бесплатен паркинг, како и бесплатен интернет за време на престојот.
Златибор
Ноќевање за семејство со две деца во апартман од 40 квадрати, кој во својот состав има дневна и спална соба, кујна, купатило и тераса, чини 1.500 денари дневно, додека цената на приватно сместување за две лица во апартман од 30 квадрати се наоѓа и за 1.200 денари по ден.
Хотелското сместување со појадок во апартман со две спални соби за семејство со две деца помлади од 12 години чини 13.000 денари, додека ноќевање со појадок во стандардна двокреветна соба со купатило чини 3.400 денари по лице.
Сокобања
Ноќевање во двокреветен апартман може да се најде по цена од 1.200 денари по лице, додека четиричлено семејство за истата услуга ќе треба да издвои најмалку 2.000 денари за ден.
Полупансион во хотел со 4 ѕвездички за семејство со две деца помлади од 10 години чини 10.000 денари дневно, додека цената за ноќевање со појадок чини 2.500 денари по лице.
Доколку одморот трае подолго од 7 дена, полупансионот за две лица чини 6.000 денари дневно, а услугата вклучува и неограничено користење на велнес и спа-центарот.
Сребрено езеро
Ноќевање во двокреветен апартман чини од 1.700 денари за двајца, додека цената на приватното сместување за семејство со две деца чини 2.100 денари дневно.
Во хотел, ноќевање со појадок во двокреветна, трокреветна и четирикреветна соба чини 1.600 денари по лице, а добивате и попуст од 10 отсто доколку во хотелот сте сместени најмалку 5 дена.
Деца од 3 до 12 години имаат 50 отсто попуст на редовната цена.
Дивчибаре
Ноќевање за две лица во двокреветен апартман достапно е по цена од 1.500 денари, додека трошокот за изнајмување приватно сместување во апартман од 30 квадрати за семејство со две деца изнесува 2.000 денари дневно.
Полупансион за семејство со две деца во хотел со 4 ѕвездички чини 11.000 денари, а вклучено е неограничено користење на спа-центарот.
Цената на полупансион за две лица во двокреветна хотелска соба изнесува 9.600 денари дневно.
Копаоник
Апартман за две лица може да се изнајми по цена од 1.700 денари дневно, додека за ноќевање во приватно сместување за семејство со две деца потребно е да издвоите 2.000 денари дневно.
Ноќевање со појадок за две лица во двокреветна хотелска соба достапно е по цена од 5.120 денари, а цената на таа услуга за четиричлено семејство изнесува 8.700 денари дневно.
Полн пансион за две лица во хотел чини 7.550 денари дневно, односно 14.350 денари за семејство со две деца.
Паличко езеро
Ноќевање за две лица во двокреветен апартман во близина на езерото чини 1.700 денари, додека приватно сместување за семејство со две деца чини 2.000 денари дневно.
Ноќевање со појадок во хотел може да се најде по цена од 3.300 денари по лице, а во цената е вклучено и користење фитнес и базен.
Деца до 6 години не плаќаат за сместување и за појадок, додека децата од 6 до 12 години плаќаат 50 отсто од цената на сместувањето и појадокот.
Фрушка гора
Изнајмување сместување за две лица во приватен апартман од 25 квадрати чини 1.250 денари дневно, додека сместување за семејство со две деца во апартман од 35 квадрати достапно е по цена од 1.700 денари дневно.
Ноќевање со појадок во хотел чини 4.200 денари по лице, додека цената на полупансионот изнесува 5.000 денари по лице, а добивате и попуст доколку одморот ви трае подолго од 3 ноќевања.
Врњачка Бања
Ноќевање во приватно сместување чини 1.500 денари по лице, додека закуп на сместување за семејство со две деца чини 2.000 денари дневно.
Ноќевање во двокреветна хотелска соба во самиот центар на Врњачка Бања чини 2.250 денари за двајца, а цената на хотелско сместување за семејство со две деца чини 3.500 денари дневно.
Извор: denar.mk