Доколку за вашиот избор на летна дестинација за одмор не успеавте да пронајдете „пет френдли“ сместување, а ни некој близок пријател или роднина кој би прифатил да го чува вашето куче додека вие се сончате на плажа, тогаш единственото решение што ви преостанува е да го оставите миленичето во пансион за кучиња.
Денар направи обиколка во неколку пансиони/хотели за кучиња на територијата на главниот град, па како што забележавме, цената за преноќување на кучето во кучешкиот хотел се движи од 900 денари, па сѐ до 2.000 денари.
Како што нѐ информираа вработените во хотелите, цената варира во зависност од растот на кучето, но и од тоа каква услуга сакате да добива вашиот миленик.
-Можам да кажам дека имаме полни раце работа. Ние сме специјализиран хотел за кучиња каде што можете во било кое време да го оставите своето милениче. Исто така, постои опција за ние да ви го земеме од дома и да ви го вратиме во одреден термин. Имаме и градинка, каде што кучињата дневно поминуваат по неколку часа и ги враќаме кај сопствениците само за спиење. Сега, во период на летните одмори, најмногу се користат хотелските услуги. Го носите кучето тука, кажувате колку дена ќе трае престојот и ги договарате деталите. На пример, може да си одберете дали вашето куче ќе биде само во собата или ќе биде заедно со другите кучиња. Можете да изберете дали да биде сместено кучето во бокс, дали вие ќе му донесете храна… Флексибилни сме за сѐ, многу ги сакаме животните и се трудиме максимално да им го направиме престојот незаборавен – раскажува сопственичка на специјализиран хотел за кучиња кој се наоѓа на периферија на Скопје.
Таа вели дека едно ноќевање во кучешкиот хотел, во просек чини околу 1.000 денари.
-Варира цената и не можам во моментов да ви кажам точна цифра, но 10-дневното сместување на кучето во пансионот чини околу 10.000 денари. За многумина оваа цена е превисока, ама верувајте дека вашето куче нема да почувствува дека ве нема. Едноставно, толку ќе му биде убаво и забавно што ќе заборави да тагува по сопствениците. Имаме ливада за трчање, базен со вода, играчки, трамболини, личен фризер, а постојано е достапен е и ветеринар – раскажува нашата соговорничка.
За да биде примено вашето куче во пансионот, неопходно е да приложите потврда за вакцинација и пасош од кучето.