Возачите на камиони се соочуваат со голем проблем на македонските гранични премини во екот на летната туристичка сезона, бидејќи колоните со автомобили се огромни, па мораат и тие да чекаат ред за да влезат или да ја напуштат земјава.
Камионџиите се жалат дека инфраструктурата наменета за товарни возила на македонските гранични премини е повеќе од очајна, а забележуваат и дека нема доволно коридори кои би придонеле камионите да чекаат помалку од вообичаеното.
Како што посочуваат транспортерите, често се случува непотребно да чекаат ред на граница, а тоа чекање да трае со часови.
– Имаше, а и сè уште има голема гужва на границите. Многу домашни и странски автомобили чекаат ред за да ја поминат границата, а за нас транспортерите нема доволно простор за да ги заобиколиме автомобилите и брзо да ја напуштиме земјава. Принудени сме да чекаме ред заедно со леките возила, а тоа чекање понекогаш трае со часови. Не е воопшто лесно да се чека со часови на горештините, а впрочем и самото чекање нас нè чини пари. Ние возиме службено и имаме конкретна задача, а не сме тргнале на плажа па да не ни е гајле кога ќе стигнеме – раскажува возач на шлепер од Скопје.
Тој признава дека сите негови колеги-камионџии со нетрпение очекуваат да се активира „Отворен Балкан“ и на тој начин да се олесни чекањето на граничните премини.
– Тоа ќе биде големо олеснување за сите нас, бидејќи чекањето на граница ќе стане минато. Со проектот „Отворен Балкан“, барем како што ни најавија, нема да има гранични премини помеѓу најголемиот дел од земјите во регионот. Ќе остане само граничниот премин од Србија кон Унгарија, како и преминот од Србија кон Хрватска. Уште подобро би било доколку во „Западен Балкан“ влезе и Грција, па да се отстранат рампите на ГП „Богородица“. Оти, вака, непотребно се губи време, пари, работни часови, но и нерви во чекање на сите гранични премини – објаснува нашиот соговорник.