Corendon Airlines, турска авиокомпанија, истражува дали патниците се подготвени да платат повеќе за да избегнат седење во близина на деца.
Компанијата најавува продажба на зони само за возрасни – да нема под 16 години – на летовите меѓу Амстердам и Курасао, кои обично траат околу 10 часа. Идејата ќе се реализира од ноември.
Турскиот авиопревозник тврди дека патниците кои патуваат без деца ќе добијат мирна средина, а родителите нема да мора да се грижат дали нивните немирни деца ќе ги вознемируваат сопатниците.
Минатата недела, Corendon објави дека ќе резервира 93 редовни седишта и девет седишта со дополнителен простор за нозете во просторот за возрасни, лоциран во предниот дел на неговиот авион Ербас А350 со 432 седишта. Ќе биде поставен ѕид или завеса за да се одвои овој дел од останатите патници кои седат позади, пренесува AP News.
Патниците ќе плаќаат дополнителен надомест од 45 евра за зоната без деца, додека цената за седишта со дополнителен простор за нозете ќе биде 100 евра.
Брет Снајдер, сопственик на туристичка агенција и автор на блогот Cranky Flier, ја забележа побарувачката за седишта само за возрасни, особено за оние кои сакаат да ја избегнат детската врева.
Скот Кис, основач на веб-страницата за пребарување летови Going, верува дека таксата на Corendon е доволно ниска за да привлече многу патници и дека испробувањето на нови концепти ќе донесе позитивен публицитет на помалку познатата авиокомпанија.
Corendon не е првата компанија која нуди дел без деца. На пример, сингапурската авиокомпанија Scoot продава дел за патници постари од 12 години.