Последно во низата поскапе свинското месо, за 20 денари по килограм, но тука влијание има свинската чума. Ова поместување се случи вчера. Како ќе биде денес, утре и понатаму е неизвесно. Во маркетите и на пазарите секој ден има по нешто ново.
Со променети цени се сирењето, кашкавалот, тестенините, видовите леб… Кај зеленчукот, на пример, растот е 22, а кај овошјето 20 проценти, не само во маркетите, туку и на пазарите, при што на моменти се случува цените да се изедначени.
На пазарите праските се од 40 до 60 денари, грозјето 50 до 70, крушите 100 денари за килограм…
Килограм црвени пиперки за ајвар се продава од 80 до 100, везенките по 100 денари. Модриот патлиџан зависно од големината – од три до пет парчиња за 100 денари, тиквичките три за 50 денари.
Овие производи се продаваат и преку социјалните мрежи, а ги нудат самите земјоделци. Тие групи бројат близу сто илјади членови – производители и заинтересирани купувачи. Според коментарите, а на задоволство на двете страни, воспоставена е добра соработка. Доставата најчесто е бесплатна, веројатно е пресметана во самата цена. Иако има и испорака која не се наплаќа само доколку нарачката е во износ од над илјада денари.
Исто така, според коментарите, нема приговори за квалитетот на производите. А, понудата е: килограм ајварки 60 денари, благи пиперки 80, низа од два реда суви пиперки 500 денари, низа од 2,5 килограми пиперки – 300 денари. Доматите се 80 денари килограм, а краставиците 90 денари. Тиквичките се нудат по 20 денари парче, а пченката за 30 денари. Модриот патлиџан – 20 денари парче, а го има и за 30 денари килограм.
Компирите се нудат според големината – 35 денари ситниот, 40 средниот и 50 денари крупниот. Килограм грав, пак, е 200 денари белиот, а 220 денари црвениот.
Овошјето не е во понудата, освен дињата по цена од 70 денари килограм и сортите грозје, но за преработка во вино или ракија, а килограм е од 18 до 25 денари.
Се продаваат и домашни јајца по 12 денари парче, а од јапонска препелица по осум денари.
Тегла домашен ливадски чист мед е 600 денари.
Се купува на невидено, но според реакциите, купувачите немаат забелешки. Овој вид групи ја постигнуваат целта – ги олеснуваат и продажбата и купувањето.
Извор: Pari.com.mk