Повеќето од нас поминуваат повеќе од шест часа седејќи секој ден. Седењето може да има краткорочни и долгорочни ефекти врз здравјето и телото, што ја прави ваквата неактивност потенцијално смртоносна. Непреченото седење и неправењето кратки паузи, поготово во текот на работното време, можат да имаат сериозни последици за кои веројатно не сте ни свесни. Според експертите, ова се шесте најчести штети кои можат да настанат доколку не почнете да воведувате промени.
Зголемување на тежината
Движењето предизвикува вашите мускули да ослободуваат молекули, како што е липопротеинската липаза, што помага при процесот на согорување на мастите и шеќерите кои ги конузмирате. Ослободувањето на овие молекули се намалува кога најголемиот дел од денот го поминувате во седечка положба. Исто така, недоволното движење го зголемува ризикот од појава на метаболички синдром, дури и ако вежбате. Една студија открила дека мажите кои поминале повеќе време седејќи ја зголемиле својата тежина околку стомакот, што е најопасното место за складирање на маснотии.
Слаби нозе
Ако не ги користите – ќе ги изгубите. Секако дека не станува збор за буквално губење, но со седењето цел ден вие не ги користите вашите долни мускули на ногата, а тоа доведува до појава на атрофија. На овој начин ги ослабувате мускулите, а без силни мускули вашето тело е изложено на ризик од повреди.
Проблеми со колковите и грбот
Како и мускулите на нозете, така и вашите колкови и грбот страдаат од прекумерното седење. Седењето предизвикува скратување на флексорите на колкот, а седечката положба може да му наштети на грбот доколку седите во лоша положба или не користите анатомски стол. Лошото седење може да предизвика компресија на дисковите на 'рбетот и да доведе до предвремена дегенерација, што на крај резултира со хронична болка.
Појава на срцеви болести
Седењето може да наштети на срцето и потенцијално да доведе до појава на кардиоваскуларни болести. Едно истражување покажало дека мажите кои поминале повеќе од 23 часа неделно гледајќи телевизија, имале 64% поголем ризик од смрт предизвикана од кардиоваскуларна болест во споредба со мажите кои гледале телевизија само 11 часа. Експертите велат дека луѓето кои седат повеќе имаат 147% поголем ризик да страдаат од срцев или мозочен удар.
Ризик од појава на дијабетес
Луѓето кои поминуваат повеќе време на столот имаат за 112% зголемен ризик од појава на дијабетес. Во една студија што ги истражувала ефектите од пет дена поминати во кревет се забележало зголемена инсулинска резистенција, што претставува претходник на дијабетесот.
Проширени вени
Седењето подолго време предизикува дополнителен притисок во вените кој може да резултира со пукање на крвта во нозете,а тоа доведува до проширени или пајакови вени. Иако генерално оваа состојба не е штетна, сепак ваквата појава не е пријатна за гледање. Во ретки случаи, проширените вени можат да доведат до посериозни состојби, како што е згрутчување на крвта.