Сѐ повеќе луѓе во Германија очајнички се во потрага по стан. Понудата е мала, кириите се сѐ повисоки, платата веќе не е доволна за добар стан. Тоа предизвикува раскол во општеството.
Кој сака да има убав стан во добра населба во Берлин мора да биде добро финансиски поткован.
На еден портал на интернет има понуда за четворособен стан во Шарлотенбург, 182 квадратни метри, опремен. Чини 8.190 евра месечно, плус режиските трошоци. Вкупно тоа се повеќе од 50 евра по квадратен метар. Социјално прифатливо ниво на кириите во Германија е меѓу 6,5 и 7,5 евра по квадратен метар.
Тоа во Берлин не важи ни за „понудата на месецот” - стан од 69 квадрати во источните предградија за 725 евра. Станот е на шести кат - без лифт.
Се бара „спортско семејство” кое „сака да мајсторисува” затоа што станот треба и да се реновира.
Киријата ги голта приходите
Во Германија просечната нето плата, односно она што навистина ќе легне на сметката откако ќе се одбие данокот и социјалните давачки, е 2165 евра. Околу третина од приходите се даваат за кирии. Но, ако се изнајмува нов стан тоа веќе не е доволно.
Квадратниот метар во Минхен се изнајмува за 19 евра, во Штутгарт за 18, во Дизелдорф и Келн меѓу 12 и 13 евра, а во Берлин за 11 евра од квадратен метар. „Големата побарувачка за станбен простор кој станарите може да си дозволат да го платат се судира со историско зголемување на кириите и недоволна понуда”, вели во описот на актуелната ситуација на пазарот на порталот на фирмата Имоскаут24.
Помалку купување, повеќе потстанари
Германија е традиционално потстанарска земја. Квотата на сопственост на станбен простор во Европа изнесува просечно 70 проценти, а во Германија само 46 проценти.
Во големите градови процентот е уште помал - на пример во Хамбург е околу 22 проценти, а во Берлин 14.
Ширум светот растат цените на недвижнините. Институтот ИФО како и Институтот за швајцарска економска политика во едно истражување предвидоа дека во следните десет години може да се смета на годишен пораст на цените од девет проценти.
За Германија се предвидени седум проценти раст. Ако се земат в предвид зголемувањата на каматите за станбените кредити, купувањето на сопствен стан или куќа ова го прави невозможно. Останува само потстанарство како опција, а тоа доведува до зголемена побарувачка на пазарот и до пораст на цените.
Зошто постои недостиг на станбен простор?
Институтот за системско истражување Едуард Пестел наведува дека на Гдрманија и недостигаат 700 илјади станови - посебно во ефтиниот сегмент. Германската влада најави дека ќе обезбеди изградба на 400 илјади станови годишно. Но, оваа годуна изградени се нешто повеќе од половина од зацртаниот број на станови. Следната година бројот ќе се намали според пресметките на Институтот за истражување на макроекономијата и конјунктурата кој е близок до синдикатите.
Војната во Украина и инфлацијата ги зголемија трошоците на градбата. Стручњаци пресметаа дека е напросто невозможно да градат за помалку од 5 илјади евра од квадратен метар. Нема доволно стручна рабптна сила и градежни материјали.
Во мај се издадени за четврт помалку дозволи отколку лани во истиот период.
Речиси да нема социјални станови
За сѐ помалку станбен простор по прифатливи цени конкурираат сѐ повеќе луѓе. Од бегалците кои дојдоа во 2015 и 2016 година околу 25 проценти и натаму живеат во државни прифатилишта за бегалци затоа што до денес не можат да најдат стан за себе. Бројот на бегалци во 2022 година се зголеми за уште еден милион кој стасаа од Украина.
Годинава се проценува дека во земјата ќе дојдат уште 300 илјади баратели на политички азил.
Сега на виделина излегува децениското запуштање на изградбата социјални станови. По 1950 година на база на државни субвенции беа изградени 8,4 милиони социјални станови. По две децении во тие станови веќе не е лимитирано зголемувањето на кириите.