Во Реплек на секој состанок со ТОП-менаџментот се поставува прашањето „Дали вработените се задоволни?“
Професионалниот развој во сегментот на човечки ресурси го започнала во 2003 година. Имала среќа да работи во компанија каде веќе на големо се зборувало за Човечки ресурси, додека сите останати се уште биле заглавени во "кадрово". На Позицијата Директор на HR во Реплек е нешто повеќе од една година и со гордост вели дека првото прашање на секој ТОП менаџмент состанок во во Реплек им е: „Дали вработените се задоволни?“ Па додава: „Кога ќе згрешиме, не се срамиме да признаеме и да се коригираме.“
За секојдневните предизвици на нејзината позиција, за искуството од Австралија, за одлуките кои секојдневно треба да ги донесе Директорот на HR секторот, но и за идните планови на Реплек, разговаравме со Дојранка Анастасовска Цветковска - Директор на Човечки Ресурси во РЕПЛЕК.
На почеток кажете ни нешто за вас, каде и какво образование имате завршено и кое беше вашето прво работно место?
Се сметам себе си за личност која постојано бара нови предизвици и не се плаши од промени. Континуирано вложувам во себе и верувам во концептот на доживотно учење. Завршив факултет за бизнис економија во Македонија, а продолжив на магистерски студии во Австралија, каде работев и живеев одреден период. Бидејќи учењето не смее да застане, континуирано се надоградувам преку формално и неформално образование. Во овој сегмент сакам да ги истакнам специјализираните обуки кои имав прилика да ги посетувам во Австрија и Англија. А, кога работите со луѓе и за луѓе не можете, а да не учите и од нив. Секојдневно учам низ комуникацијата и соработката со колегите, соработниците и сите на кои секојдневно сум упатена и професионално посветена.
Од кога сте на сегашната позиција и од каде љубовта кон човечките ресурси?
На позицијата Директор за човечки ресурси во Реплек сум од неодамна, нешто повеќе од една година. Претходно бев на иста или слична позиција во повеќе интернационални компании. Инаку, мојот професионален развој во сегментот на човечки ресурси започна во 2003 година.. На почетоците имав прилика или среќа да работам во компанија каде искуството за управување со човечки ресурси беше пресликано од страна на развиена интернационала корпорација, кога во Македонија постоеше само кадрово/кадровско работење. Од тогаш знаев дека мојата кариера ќе се насочува во развојот на човечките ресурси. Секако, работата со луѓе продолжува да ме прави среќна, што е основно за секој што се занима со оваа професија.Уживам да гледам нечиј развој, да имам прилика да поттикнувам нечиј напредок и насочување во кариерниот правец.
Според вас која е вештината или квалификацијата која треба да ја поседува еден човек за да биде успешен на позицијата Менаџер за Човечки ресурси?
Основно нешто што треба да го поседува секој успешен менаџер и менаџерка во оваа професија е да има развиена емоционална интелигенција. Сето останато е надградба на тоа, која се разбира е важна, но сепак од пресудно значење е да научите вистински да ги разбирате луѓето и нивните потреби.
Што е поважно за успешен HR: Да го разбира бизнисот на компанијата или да ги разбира луѓето кои работат во неа?
Двете се подеднакво битни. Човечките ресурси имат стратешка улога во компанијата. Невозможно е бидете добар менаџер ако не го разбирате бизнисот, но истовремено и ако не ги разбирате потребите, амбициите и мотивациите на луѓето. Само така можете да направи позиционирање на вистинските луѓе, на вистинското место и во вистинското време. Тоа е основата на успехот на која било организација.
Велат дека постојат два вида на кои функционираат добрите компании - или се однесуваат како фамилија или се однесуваат како тим. Како вие ќе ја дефинирате Реплек како компанија и систем на функционирање?
Визијата за добросостојба за сите е клучниот стожер на нашето работење. Креирање на добросостојба за нашите конзументи, вработените и акционерите, на општествено одговорен начин, е она што нѐ води низ годините. Успешно ја креираме таа добросостојба со мисијата за синергија на знаења и искуства. А, сето ова е можно само со градење на тим кој го поврзува единството и истовремено тим кој е агилен и иновативен. Од друга страна веруваме во семејството и семејните вредности, па затоа се стремиме кон одржување на балансот помеѓу времето посветено на работа со тимот и времето посветено со семејството.
Каква е грижата на вашата компанија за вашите вработени или по што сметате дека се издвојувате од останатите компании?
Ние ја почитуваме традицијата, ги задржуваме добрите практики и истовремено воведуваме нови. Синергијата помеѓу искуството на вработените кои се подолго време со нас и нововработенте кои со себе носат новини и поинакви пристапи, за нас е од големо значење. Се грижиме сите да се чувствуваат добро како еден тим. Она што сметам дека нѐправи различни,а ова го зборувам од искуство стекнато во повеќе компании,е тоа што на секој состанок со ТОП-менаџментот се поставува прашањето „Дали вработените се задоволни?“. Честопати сме предизвикувани од генералниот директор да дадеме идеи за подобрување на условите за работа. Ги менуваме и подобруваме условите, со цел нашите вработени да се чувствуваат вреднувании да чувствуваат дека припаѓаат во Реплек. Кога ќе направиме промена, им го даваме потребното време на колегите да ја разберат промената, да ја согледаат идејата, односно причината за промената и да споделат мислење дали е тоа добро или не. Кога ќе згрешиме, не се срамиме да признаеме и да се коригираме. Најчесто идетите за промени доаѓаат токму од нашите вработени.
Што е она што го сметате како посебно внимание кое сте им го овозможиле на вработените? (нешто поврзано со некој настан, роденден, можеби помош при лекување, донација, некое организирано патување и сл.)
Тешко ми е да набројам и да останам кратка во излагањето, но ќе издвојам неколку примери. Одбележуваме роденден за секој вработен, новороденче, пензионирање, почеток на учебна година (не само за прваче), приватно здраствено осигурување, клизно работно време, физиотерапија за вработените и друго.
Колку години е најдолго вработениот во вашата компанија?
Нашата компанија има традиција, а љубовта и посветеноста кон Реплек е одлика на голем број вработени кои се долги години со нас. Најдолго вработен во компанијата е наша драга колешка која е со нас од 1984 година. Од 77 години постоење на Реплек, таа е со нас речиси 40години.
Малку да позборуваме за предизвиците на Менаџерите на човечки ресурси...
Дали е поодговорна одлуката да се вработи или да се отпушти некого од работа?
Не може да се спореди, ниту пак да се каже во кој случај одговорноста е поголема. При вработување е клучно да се избере кандидат кој ги исполнува условите за работното место, има потенцијал и желба за развој, но истовремено да може брзо и лесно да се прилагоди на средината,колегите и организациската култура. Од друга страна, огромна е одговорноста да не се згреши при идентификација на вработен кој заради одредени причини сметаме дека е подобро кариерата да ја продолжи на друго место. За таа цел од нашите вработени се очекува, покрај добари работни перформанси, да имаат и култура на доверба, почит, разбирање и соработка. Некој и да има одлични резултати, ако нема соодветно однесување кон колегите, за нас е неприфатливо.
Како и дали е возможно да се задржи убавата слика кај поранешните вработени? И дали ако поранешен вработен побара да се врати на работа би требало дa го вратите, а сам си заминал?
Во време на одлив на кадри со кој се соочува светот, од големо значење е да се задржи добар однос и комуникација со поранешните вработени. Клучен елемент при носење на одлука дали некој заминат вработен е добро да се врати во компанијата , претсавува начинот на кој таа или тој претходно ја напуштил компанијата. Ако тоа бил коректен начин, не гледам причина зошто да не се вработи повторно кај нас. Од друга страна, според мене тоа може да биде и добар показател за компанијата, дека условите во друга компанија или земја не се толку многу подобри како што тоа навидум изгледа.
Што е она што преовладува во изборот за вработување кај вас, вештините или образованието?
Дефинитивно тоа се вештините. Секако за позиции каде видот на образование е задолжително, првенствено се гледа образованието, но предност имаат кандидатите кои ги поседуваат и потребните вештини.
Ако кандидатот одговара карактерно ама ги нема потребните вештини, дали да се вработи?
Да, ако има потенцијал и желба за континуирано учење и профеионална надградба.
Кои се плановите на Реплек за идните вработени и какви луѓе (карактерно) барате вие како компанија?
Реплек моментално е во фаза на целосна реорганизација, оптимизација, модернизација и автоматизација во секој сегмент на своето работење. Сакаме да ги задржиме колегите кои се со нас, а воедно и да привлечеме нови вработени кои ја прифаќаат и ја делат нашата визија и кои во Реплек гледаат потенцијал за заеднички раст и развој, прифаќаат искуство и знаење и не се плашат да започнат нешто ново.
Ако вашето мото е: Промените се случуваат, прифати ги како предизвик и извлечи го најдоброто. Која е промената која вас ве направи подобар менаџер?
Сѐ се случува со причина и сѐ случува токму кога треба да се случи. На нас останува да гледаме пошироко од одреден настанот или случка и да разбереме зошто тоа е така. Од секој настан, од секој разговор, од секоја случка се трудам да го извлечам најдоброто и да научам нешто ново. Заминувањето во Австралија, средбата со голем број на различни луѓе и култури, различни системи на функционирање, е промената која би ја истакнала како нешто што ме направи подобора (ако можам така да се изразам). Имено, и покрај тоа што цело време работев во интернационални компании и често патував, во Австралија научив што значи различност, научив да ги вреднувам разликите. Од аспект на управување со човечките ресурси, од голема важност е да разбереме дека концептот “one size fits all” е неприменлив кога се работи со луѓе. Секоја индивидуа е различна, со различни вредности кои ги носи со себе, различни интереси, различни ставови, размислувања и приоритети. Ние како професионалци во оваа област треба да имаме висока емотивна интелигенција и да одредиме кој пристап е најсоодветен, со цел да помогнеме индивидуата да го извлече најдоброто во дадена ситуација. Реплек е компанија која ја цени индивидуалноста кај секој од нас, ја прифаќа различноста и се стреми кон изнаоѓање на средина и градење на организациска култура која е лесна за прифаќање и адаптација. Преку креирање на различни модели, настани и програми за задоволството на вработените, се трудиме да допреме до секој вработен во компанијата.