На светските берзи цените одат надолу, затоа Министерството за економија нема да дозволи да се продолжи со покачување на цените кај нас, изјави министерот Крешник Бектеши кој рече дека до 30 ноември ќе се забранат акциски и промотивни продажби од страна на сите синџири на трговци, а од следната недела ќе предложи и замрзнување на цените на производите во прехранбената индустрија.
„Сите анализи покажуваат дека нема основа за зголемување на цените на основните прехранбени производи и од страна на трговците, но и од страна на производителите, имајќи го предвид намалувањето на цените на светските берзи. Нема да дозволиме богатење на грбот на граѓаните“, рече министерот по работниот состанок со раководителите на подрачните одделенија на Државниот пазарен инспекторат.
Тој рече дека ќе има средба со поголемите трговски синџири и ќе очекува од понеделник, пред да се донесе мерката за замрзнување на цените на одредени прехранбени производи, да има намалување од најмалку 10 проценти на цените на сите прехранбени производи.
„Нема да дозволиме профитирање врз грбот на луѓето во кризни услови. Мерките ќе важат до 30 ноември со можност за нивно продолжување“, рече министерот и додаде дека нема да се преговара, но и дека ќе има мерки против тие што нема да ги почитуваат, што вклучува, како што рече, и затворање на трговскиот објект.
Тој нагласи дека иако има намалување на инфлацијата согласно согледувањата на Министерството за економија има уште простор за да се намалат цените и додаде дека сите завршни сметки на големите синџири на маркети покажуваат дека тие немаат намалување на нивните приходи, туку напротив имаат зголемување за претходната година.
Министерот рече дека не станува збор за антикризни мерки кои претпоставуваа финансиски импликации.