Норвешките археолози ова случајно откритие го нарекоа откритие на векот во оваа скандинавска земја.
Ерленд Бор од Норвешка решил да оди на преглед на лекар. Овој 51-годишен маж со денови се чувствувал лошо, а докторот го советувал дека мора што поскоро да се активира и да вежба. Паднала одлука, решил да го исполни својот детски сон и да стане археолог аматер во потрага по траги од минатото, па си купил детектор за метал и тргнал да го истражува островот Ренесеј.
Со други зборови, ги споил убавото и корисното - прошетката ќе му овозможи да биде активен, а исполнувањето на сонот да се чувствува исполнето и среќно. Но, она на што не сметал е дека сето ова ќе резултира со најголемото археолошко откритие во последните 100 години во Норвешка.
Наместо чоколадо - злато
Како што обично се случува, токму кога се приближувал кон крајот на прошетката, неговиот детектор за метал почнал да свири, сигнализирајќи дека има нешто под неговите нозе.
„На почетокот мислев дека станува збор за некои чоколадни монети или делови од играчки. Беше целосно неверојатно“, вели Бор.
Меѓутоа, по кратко размислување решил да ги повика експертите со искусно око за да утврдат за што се работи. Археолозите веднаш сфатиле дека не станува збор за чоколадо, туку за 9 златни медаљони, кои некогаш украсувале нечиј врат и ја испраќале пораката „јас сум богат/а“, како и 3 златни прстени.
Дизајнот на медалјоните бил од особен интерес за археолозите, бидејќи имале прикази на коњи поврзани со нордиската митологија. Имено, прикажуваат човечка фигура до коњ со исплазен јазик и став на умирање, тие веруваат дека Один овде е прикажан како го лекува болниот коњ на неговиот син - симбол на надеж за исцелување и нов живот.
Оле Мадесен од Археолошкиот музеј на Универзитетот „Ставангер“ и водач на истражувањето изјави дека ова е „најголемото откритие на златни предмети во последните 100 години во Норвешка“. Додаде дека датираат од периодот на V век и се поврзани со периодот на големата преселба и дека, земајќи ја предвид локацијата, најверојатно се работи за вредни предмети што некој ги сокрил или подарок за боговите за време на нестабилни времиња.
Извор: kajgana.com