„Продавам домашен првокласен ајвар“, „Благ, пикантно лут или лут ајвар“, „Одличен домашен ајвар“ се само дел од огласите на интернет.
Луѓето од различни делови на Македонија, прават и продаваат ајвар. Цените се различни. Од огласите може да се види дека дел од луѓето лани продавале ајвар за 250 денари тегла, но оваа сезона ќе биде поскап. Купувачи имаат од земјава, но се јавува и по некој од странство. Велат дека луѓето сакаат да консумираат ајвар. Ако немаат време да го подготват овој специјалитет, го купуваат од земјоделците кои го прават.
„Пет години правиме и продаваме ајвар. Имаме муштерии кои купуваат пиперки од нас за да прават ајвар, но и муштерии кои купуваат ајвар. Имам двајца купувачи од странство, едниот е Македонец, другиот е Грк, кој иако може да си купи ајвар од маркетите во Грција, сепак нè контактираше преку интернет. Купуваат различни количини. Некој ќе земе 20 тегли, некој 50 тегли. На домашниот пазар потешко се продава, затоа што за луѓето проблем е цената, а со странците не е така. Оваа сезона уште не сме го направиле ајварот, останува да видиме по која цена ќе го продаваме“, вели жител на Гевгелија.
Гордана Соколовска од Источна Македонија објаснува дека лани големите тегли ajвар ги продавала за 350 денари, додека сега истите ќе чинат 400 денари, а малите 220 денари. Таа вели дека има интерес за домашниот јавар. Луѓето го бараат и купуваат.
„Младите немаат време да прават ајвар. Ние сме пензионери и лани преработивме 1.000 килограми пиперки, од нив направивме ајвар, нешто за фамилијата, нешто да продажба“, рече Соколовска.
Катерина Василеска од Охрид вели дека голем интерес за купување на домашен ајвар има секоја година.
„Јас оваа година нема да правам ајвар за продажба, но луѓето го бараат. Претходните години имаше многу нарачки од Скопје, затоа што луѓето немаат време, но немаат ни услови да прават ајвар, ако живеат во згради. Имаше и луѓе од Охрид кои нарачаа ајвар. Но, на пример никој не нарача од Источна Македонија, тие веројатно си прават. Оваа година големата тегла сигурно ќе чини 400 денари“, вели Василеска.
Жител на Богданци исто така вели дека во нивниот град нема работа и затоа се решил да прави и продава ајвар.
„Имаме наше производство, а ако ми фали, купувам од другите земјоделци. Оваа работа е мачна. Потребни се барем двајца луѓе за да направат ајвар. Купувачите се луѓе од различни профили“, вели жител на Богданци.
Околу 15 септември обично луѓето почнуваат да прават ајвар за да имаат за претстојната зима. Домаќинките со вредни раце, кои се вешти во подготовка на зимници, а воедно имаат и произведено пиперки, ја користат приликата за да си обезбедат дополнителен приход. И во соседна Србија има граѓани кои прават домашен ајвар по нарачка.
Извор: faktor.mk