Способноста на луѓето да го контролираат својот деноноќен ритам, биоритам кој опфаќа период од 24 часа, е знак на интелигенција, заклучија научниците по бројните студии спроведени на оваа тема.
Сатоши Каназава и Каџаи Перина, автори на студијата „Why night owls are more intelligent“ (Зошто ноќните птици се поинтелигентни), тврдат дека луѓето кои се „ноќни птици“ можеби се поинтелигентни од оние што стануваат рано, поради нивната способност да го контролираат сопствениот биоритам.
„За повеќето животни, времето на спиење и будност се одредува според природните околности, а се синхронизира со деноноќниот ритам што го контролира циклусот на спиење, како и сè друго. Меѓутоа, луѓето имаат единствена способност когнитивно да го надминат својот внатрешен биолошки часовник и неговите ритмички ефекти. Иако постојат некои индивидуални разлики во деноноќниот ритам, каде што некои поединци се повеќе ноќни од другите, луѓето воглавно се дневни суштества затоа што многу се потпираат на визијата за навигација“, објаснуваат тие.
Додават и дека нашите предци биле еволутивно посклони да го слушаат биоритамот и соодветно заспивале и се буделе, што многумина сè уште го сметаат за добра навика. Меѓутоа, во денешно време луѓето сами си го одредуваат времето за спиење и будење, независно од деноноќниот ритам, некои помалку, некои повеќе.
„Нашите предци рано легнувале и рано станувале, а ако отстапиме од оваа норма, тоа значи дека сме повеќе во склад со модерниот живот, а тоа само по себе е знак на интелигенција“, тврдат авторите на студијата.
Сепак, треба да се има на ум деталот дека во денешно време луѓето подолго се будни поради вештачкото осветлување, додека во древно време нашите предци заспивале веднаш по зајдисонце затоа што не можеле ништо да направат по стемнување, а станувале рано, со првите сончеви зраци, со цел да ја искористат дневната светлина за сѐ што требало да се направи за да преживеат.
И истражувачите од Универзитетот во Мадрид се зафатиле со оваа тема и откриле дека луѓето кои се „ноќни птици“ постигнуваат подобри резултати на тестовите за интелигенција од оние што легнуваат и стануваат рано.
„Вечерните луѓе се повеќе екстровертни и имаат тенденција да бидат поети, уметници и пронаоѓачи, додека утринските типови често се службеници и сметководители“, вели Џим Хорн, професор по психофизиологија на Универзитетот „Лафборо“ во Англија.
„Ако имаме јасна желба и го слушаме нашето тело, како на пример одбивање да станеме наутро, тоа значи дека сме независни, а луѓето кои ги следат своите страсти и покажуваат јасни знаци се покреативни и сами смислуваат решенија“, се надоврзуваат Каназава и Перина.
Покрај нив, истражувачите од Универзитетот во Лиеж во Белгија ги проучувале и луѓето кои се понаклонети кон ноќните активности и оние кои се поактивни порано наутро. Нивната мозочна активност била измерена час и половина по будењето и 10 часа по будењето.
При тестирањето час и половина по будењето, поединците кои рано легнуваат и стануваат рано, како и оние кои се „ноќни птици“ - биле подеднакво продуктивни. Но, 10 часа по будењето, „ноќните птици“ биле попродуктивни од ранобудниците.
„Ноќните птици“ заработуваат повеќе
И истражувачите од Универзитетот во Саутемптон ги разгледале моделите на спиење на 1.229 мажи и жени, како и нивните социо-економски околности.
Истражувањето покажало дека луѓето кои легнувале околу полноќ и станувале после 8 часот наутро имале повисоки примања и биле посреќни – тие воделе поудобен живот во споредба со ранобудниците.
Меѓутоа, подолгото спиење има свои граници. Истражувањето исто така покажа дека поединците кои поминуваат 12 или повеќе часа во кревет се изложени на поголем ризик од прерана смрт. Луѓето со најмал ризик биле оние кои спиеле 8 часа, пишува Reader's Digest.