Речиси 12 отсто од германските граѓани се вегетаријанци или вегани, а анкетите покажале дека тоа е особено чест случај со младите луѓе, пишува германската новинска агенција ДПА.
Исфрлањето на месото од исхраната особено е изразено кај жените и кај младите под 30 години, според истражувањето што го има направено германското здружение за трговија со храна БВХЛ, спроведено по повод на саемот на храна кој на 7 октомври започнува во Келн.
Девет отсто од германското население се вегетаријанци, додека три отсто се вегани.
Дополнителни 41 отсто од учесниците на анкетата рекле дека се флекситаријанци, односно се трудат да јадат помалку месо.
Уделот на вегетаријанците бил значително поголем кај младите, при што 15 отсто од нив рекле дека се вегетаријанци. Кај постарите од 60 години, уделот на вегетаријанци е само шест отсто.
Со 12 отсто кои се вегетаријанки, процентот на жени кои одбиваат да јадат месо е двојно поголем од мажите.
Како најважни причини за тоа што повеќе купуваат растителни производи, испитаниците ги навеле заштитата на животната средина и на животните, како и нивното лично здравје.
Речиси три четвртини (72 отсто) понудата на храна од растително потекло во германските продавници ја оцениле како доволна или онолку колку што треба. Околу 43 отсто рекле дека би купувале повеќе такви производи доколку цената е поповолна.
Еден од проблемите на кои укажуваат многу учесници на анкетата е тоа што веганските производи поради одржување на вкусот понекогаш содржат повеќе шеќери, масти и сол од производите со животинско потекло, кои треба нив да ги заменат. Токму поради тоа, две третини од анкетираните лица затоа и не купуваат такви производи.
Анкетата од 10 до 14 август ја спровел институтот Форс помеѓу 1.062 граѓани што се постари од 18 години, а направена е на репрезентативен примерок.