Приказната за Јосип Броз Тито и денес ја интригира јавноста. Последниот дел од неговиот живот е прилично мистериозен. Постојат сведоштва за последните зборови на Маршалот, вклучувајќи ги и деталите за неговите здравствени проблеми.
Зошто никој не смеел да му каже дека треба да му ја ампутираат ногата? Како реагирал на тоа? И од каде е пиштолот во целата приказна?
Јосип Броз Тито е роден во загорското село Кумровец кај Загреб во тогашната Австро-унгарска монархија, како седмо дете од 15 деца во семејството на Фрањо и Марија Броз, чие моминско презиме било Јаворшек. За датумот на неговото раѓање има полемики бидејќи, додека во официјалната биографија и во изводот на венчавката со Јованка Броз, со која бил во брак од 1952 година до неговата смрт, стои дека Тито е роден на 25 мај, поединечни извори наведуваат дека точниот датум е 7 мај, односно 8 мај или 12 мај.
Сепак, и ден денес 25 мај се прославува како денот кога е роден Јосип Броз Тито, кој бил женет пет пати.
Јосип Броз Тито бил претседател на СФРЈ од 14 јануари 1953 година до неговата смрт на 4 мај 1980 година. Неговиот личен доктор, Миломир Станковиќ, кој бил покрај него додека Маршалот се лекувал во болницата во Љубљана раскажал низа детали за последните денови од животот на овој политичар
„Сè за неговото лекување се чуваше во тајност. Кога жена ми ме посети на Брдо кај Крањ, не смеев да ѝ кажам дека утре ќе биде ампутирана ногата на Тито. Никогаш не знаевме кој нè слуша“, рекол тој.
По зборовите на овој лекар, станувало збор за оклузивна ангиопатија, што значело дека е блокиран крвен сад на феморалната артерија, клучен за циркулацијата во ногата. Д-р Станковиќ го советувал Тито дека е неопходно да биде прегледан од лекарски конзилиум, што Броз одбил велејќи дека ќе помине.
Тито е во добра состојба, но ногата е загрозена
Со помош на аѓутантот на Маршалот, тој на крајот успеал да го убеди. „Дојдоа и двајца одлични експерти од странство. Едниот дојде од Америка, доктор Мајкл Дебејки, додека доктор Марат Књазев од Русија. Дебејки ја прегледа ногата и циркулацијата, додека Књазев го направи целиот преглед. На крајот беа согласни дека Тито е во добра состојба, но неговата нога е загрозена“, додал докторот.
„Д-р Дебејки предложи, со оглед на тоа што Тито прифаќаше само лекови како терапија, да го пробаат бајпасот што им го остави на нашите доктори. Сепак, тој нагласи дека на Броз мора да му се објасни дека ампутацијата е неизбежна доколку овој метод не успее. Најголемиот страв на Маршалот беше губењето на ногата.
„Ако ја загубам ногата, ќе си пресудам самиот!“
„Ако ја загубам ногата, ќе си пресудам самиот!“, порачал Тито, чие здравје било трајно нарушено од тој проблем.
„Кога требаше да оди во болница, му го одзедовме пиштолот што тајно го чуваше во чантата. Никој не смееше да му каже дека мора да му ја ампутираат ногата, само во недоглед ја продолжуваа терапијата, а тоа не помагаше. И така беше сè додека ногата не се исуши, а кога се исуши го отру и организмот“, рекол докторот.
Според зборовите на докторот, ова биле последните зборови на Тито: „Што треба да значи сето ова!?“. Е сега, дали тоа се однесувало на некои одлуки кои ги носел или на лекарите кои му ветиле дека терапијата ќе даде резултати, не знаеме. Во средината на февруари 1980 година, Тито повеќе не можел да зборува и бил во вештачка кома до крајот на својот живот. Рамната линија се појавила на 4 мај во 15:05 часот.
На 15 април 1952 година, Тито тајно се оженил со Јованка Броз. Венчавката која се одржала во Титовата вила на Пајзош, меѓу Шаренград, Бапска и Илок, сè уште ја следат бројни мистерии и урбани легенди. Тоа што со сигурност се знае е дека на 15 април пред 69 години за оваа партизанка започнал нов живот исполнет со моќ, богатство и гламур. За жал, крајот на она што личело на бајка не бил воопшто среќен.