Риши Сунак размислува за воведување на една од најстрогите мерки против пушењето во светот со која ефикасно би ѝ се забранило на следната генерација воопшто да купува цигари, дознава Гардијан.
Извори од Вајтхол велат дека премиерот размислува за мерки слични на оние што ги воведе Нов Зеланд минатиот декември. Тие вклучуваат трајно подигање на законската возраст за пушење, така што тутунот никогаш да не се продава на некој роден по 1 јануари 2009 година.
Политика без чад во стилот на Нов Зеланд би значела целосно укинување на цигарите за новите генерации. За време на поранешната премиерка Џасинда Ардерн, Нов Зеланд, исто така, донесе закони за намалување на содржината на никотин во тутунските производи и наложува тие да се продаваат само во специјализирани продавници за тутун, наместо во продавници и супермаркети.
Лабуристите претходно соопштија дека се консултираат за постепено укинување на продажбата на цигари на помлади луѓе на сличен начин како Нов Зеланд, а министерот за здравство во сенка, Вес Стритинг, во јануари рече дека сака да види дали има „волја за промена“ во земјата. Политиките што се разгледуваат се дел од новата кампања на тимот на Сунак насочена кон потрошувачите пред изборите.