Со огласот што го објави ЈПДП за вработување работници за изградбата на коридорите се бараат високообразовни кадри од градежништвото, административни работници и возачи.
Работниците ќе работат во една смена, 40 часови во неделата, а ќе добиваат основна плата од 29.866 до 70.052 денари зависно од работната позиција.
Најплатена позиција на огласот е помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, кој треба да биде градежен инженер, со искуство од најмалку шест години. За оваа позиција е предвидена плата од 70.052 денари со осумчасовно работно време во прва смена.
За местото координатор на единицата за техничка изведба на проектот, кандидатот треба да биде градежен инженер и е предвидена плата од 65.029 денари.
Координаторот на единицата за подготовка на проектот ќе има месечна нето плата од 60.005 денари, а за оваа позиција потребна е диплома од некој од факултетите за општествени науки. На огласот се бараат и четворица специјалисти за експропријација на имот. За ова место кандидатите треба да имаат завршено факултет од општествените науки.
И тие ќе имаат работно време од 40 часа во неделата, а ќе добиваат основна плата од 45.045 денари. Се бара и по еден преведувач и по еден „известувач“ за проектот за плата од 45.045 денари, како и двајца администратори кои може да имаат средно образование, а ќе добиваат нето плата од 30.000 денари.За плата 30.000 денари се бараат и двајца возачи со најмалку средно образование. Градежните инженери со искуство од три години може да се пријават за пет работни позиции предвидени во огласот. Специјалист за инвестиции и градба на патишта за плата од 55.037 денари. Оваа плата е наменета и за позициите урбанист, геодет, електроинженер и сообраќаен инженер.