Започнувањето со нова работа може истовремено да биде стресен и возбудлив настан. Повеќето луѓе сакаат да остават добар прв впечаток кај новите колеги и шефот, и поради тоа ова ново искуство не ретко претставува доста турбулентна и драстична транзиција. Се што треба да направите за полесно да се вклопите во новата средина е да ги следите овие неколку совети.
Облечете се соодветно
Иако не звучи баш најпријатно, но првите впечатоци секогаш ќе бидат направени врз основа на облеката што ја носите. Затоа, за првиот работен ден изберете ја правата комбинација која ќе одговара со работната позиција. Дојдете на време и осигурајте се облеката да ви биде чиста, испеглана и да делува професионално.
Запознајте ги колегите
Бидејќи сте нови во канцеларијата, потрудете се вие први да им се претставите на колегите. Искористете ги првите неколку недели за да ја научите вашата работа, како и луѓето во организацијата. Научете ги имињата на сите, и покажете им на колегите дека можат да сметаат на вас и вашата помош.
Воздржувајте се од озборувања
Во никој случај немојте да бидете дел од озборувањата што се случуваат во канцеларија. Комуницирајте, бидете насмеани, дружељубиви и пријатни, но никако не дозволувајте да станете од они кои зборуваат за останатите колеги позади нивен грб. Едноставно е, не навлегувајте во интимни разговори кои подоцна можат да се претворат во озборување.
Ако не сте сигурни - прашајте
Доколку не сте сигурни за нешто најдобро ќе биде да прашате отколку да пробате да го решите проблемот сами и да направите поголема збрка. Со ова ќе се намали ризикот да направите грешка. Дури и да станува збор за наједноставно прашање, колегите со задоволство ќе ви излезат во пресрет. На овој начин ќе покажете дека сте навистина заинтересирани да ја сработите работата како што треба.
Дадете си време
Понекогаш не ви треба повеќе од недела за да се вклопите во новото работно место, но има ситуации кога овој процес може да потрае и до неколку месеци. Постојат повеќе фактори кои влијаат на должината на прилагодувањето, но ниту една не е причина за да очајувате. Бидете сигурни дека давате се од себе, одржувајте добар однос со колегите и верувајте дека прилагодувањето ќе дојде постепено.