Во последно време се забележува тренд на домаќинки од Македонија кои постојано објавуваат огласи на социјалните мрежи и продаваат кифлички по нарачка.
Ова за нив претставува начин за да заработат дополнителни пари во месецот, но и да ја покажат својата умешност во кујната.
Една од нив е и Божица Тасевска, скопјанка која вели дека еден килограм кифлички продава за 350 денари, но потребно е да ѝ се јавите и да ги нарачате неколку дена однапред.
Кифличките ги добивате тазе, многу меки и вкусни, ветува Тасевска.
Таа вели дека најчесто ѝ нарачуваат луѓе коишто прават домашни забави, куќни слави или детски родендени, а кои се презафатени со својата професија и немаат време да прават кифлички.
„Многу сакам да правам кифлички, бидејќи тоа е нешто што го наследив од мојата баба. Секогаш го користам нејзиниот рецепт, кој е многу едноставен, но и многу вкусен. Само треба брашно, млеко, јајца, масло, сол и шеќер. Потоа ги формирам кифличките по свој избор, може да бидат со сусам, мак или со сирење. Ги печам околу 20 минути на 180 степени и тоа е тоа. Кифличките се спремни за јадење”, вели нашата соговорничка.
Таа објаснува дека парите што ги заработува од продажбата на кифличките се повеќе од доволни на годишно ниво за нејзиното семејство да може да си овозможи убав годишен одмор на море.
„Многу ја сакаме Грција и ние сме долгогодишни кампери. Имаме своја камп-приколка во еден грчки камп, а годишно плаќаме 1.100 евра за услугата. Со продажбата на кифличките, веќе неколку години по ред успевам да заработам и да сочувам околу 2.000 евра во годината и на тој начин си го плаќаме одморот. Нарачки имам скоро секој ден. Купуваат и вработени во големи компании кога имаат некој убав повод и кога треба да ги почестат своите многубројни колеги. Купуваат медицински сестри од болници, нарачуваат амбасади, фабрики… Сите сакаат да јадат домашни кифлички, иако и ним им е полесно да го купат овој производ од првата продавничка. Еве, во штотуку ми нарачаа 5 килограми кифли, па цел ден ќе се занимавам со тоа. Мачно е, ама се исплати“, раскажува Божица.
Според неа, овој тренд е добар начин за домаќинките да го искористат своето слободно време и да ја подобрат својата финансиска состојба.
„Мислам дека секој треба да прави нешто што го сака и што му претставува задоволство. За мене, тоа е да правам кифлички и да ги продавам. Така јас сум среќна и моето семејство е среќно”, заклучува Тасевска.