Зелениково е единствена општина во Македонија која постави современи автобуски постојки.
- Станува збор за седум автобуски постојки кои имаат простор за седење, соларен панел кој служи да апсорбира сончева енергија и да произведува струја за да може да го осветлува просторот ноќе. На постојките има и простор за инвалидска количка за луѓе со попреченост, а една од автобуските постојки што се наоѓа во центарот на Зелениково преку соларниот панел има опција и за полнење на мобилни телефони и други електронски уреди, изјави за ВЕЧЕР, градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски.
Наредната година планирано е да се постават уште седум вакви автобуски постојки, со што ќе бидат заменети сите на територија на општината.
Општината Зелениково фаќа чекор со големите европски метрополи. Таа е единствената општина во Македонија која на својата територија постави модерни, инклузивни и самоодржувачки автобуски постојки и со тоа на своите жители им обезбеди пристојни услови додека го чекаат автобусот со број 67.
Градоначалникот наведе дека постојките се со железна конструкција, додека покривот е од лексан. Страните, пак, се изработени од алкобон и имаат дрвена декорација, а брендирани се со логото на општината.
Современите автобуски постојки се лоцирани во Орешани, село Зелениково, Млекара, Станица Зелениково и Босанско Маало, по должината на главната улица.