Недостигот од просветни работници деновиве ја „тресе“ Хрватска
Интересот за работа во училишта во Хрватска се намалува, а наставниците од најбараните STEM предмети заминуваат на подобро платени работни места, односно во приватни училишта или во ИТ индустријата.
Затоа, Хрватска воведе STEM стипендии, но тие не се доволни.
„Се бара: професор по италијански јазик, професор по математика, наставник по информатика, наставник по физика... И така, повеќе од 220 пати на веб-страницата на Хрватската служба за вработување“.
Додаваат дека на веб-страницата на кое било училиште во Хрватска има најмалку два-три огласи за вработување на наставници по предметна или одделенска настава, кинезиолози, како и наставници по стручни предмети во стручните училишта.
Посебно е проблематично полето STEM: математика, физика, компјутерски науки. Огласната табла на Природно-математичкиот факултет во Загреб е „претрупана“ со огласи со назнака ИТНО!
Иако, велат, поголем број огласи во септември и октомври е нормално, сите признаваат дека е - панично. Речиси осум отсто од вработените наставници по математика и физика се непрофесионални, што значи дека немаат завршено наставно-педагошки курс.
Многу конкурси се повторуваат по пет-шест пати, а со оглед на тоа што побарувачката е поголема од понудата, наставниците се почесто ги менуваат работните места. Ова првенствено ги остава учениците на цедило, изјави за хрватскиот портал Љиљана Клингор, директорка на основното училиште „Матија Гупча“ во Загреб, со програмата ИБ.
- Она што се случува во сите училишта во Загреб се случува и во нашите, но недостигот од наставници е „тренд“ низ цела Европа. Во дел од европските земји применуваат вешто маневар: ги ставаат предметите како биологија, физика или хемија под заедничкото поле на „науката“, со што ја намалуваат потребата од поголем број наставници. Секако, факт е дека државните училишта не можат да одговорат на барањата на пазарот. Приватните училишта можат, и веќе имаат, па се повеќе наставници кои сакаат да останат во образованието одат во приватни училишта, кои им нудат значително повисоки плати. Оние кои не сакаат да работат во образованието, одат во ИТ, каде платите се неспоредливо повисоки - истакнува Клингор.
И како да се ублажи проблемот со непривлечните плати - смислија во Умаг.
- Кога ќе го погледнам вкупниот наставен кадар во нашето училиште, 95 отсто од нас сме професионално покриени. Сите наши учители завршија педагошки факултет, сепак, има смена на генерации, па сега има недостиг од луѓе. Тешко е да се најдат професионални наставници. Имаме среќа и во соработка со Градот Умаг, на млад наставник можеме да му понудиме градски стан или еден од неколкуте станови уредени во училиштето. Становите во Истра се многу скапи, 400-500 евра месечно, што младите наставници не можат да си ги дозволат. Со ваква понуда сепак успеваме да ангажираме наставници во градот - вели Сања Закиња, директор на ОУ „Марије и Лина“.