Продавањето коса во Македонија е многу популарен бизнис за фризерските салони, но и за клиентите кои се одлучуваат да ја скратат својата долга коса и да заработат до 1.000 евра.
Доколку на огласниците на Интернет налетате на оглас за откуп на коса, треба да бидете посебно внимателни, бидејќи помеѓу овие огласувачи се кријат и голем број измамници.
Во поголемиот дел од огласите тешко дека веднаш ќе ја дознаете цената, бидејќи таму е наведен само телефонскиот број од откупувачот. Ако се јавите на телефонскиот број, тогаш најчесто ќе добиете информација дека тие се најдобри и дека нудат најмногу пари.
Просечно, цената за килограм коса изнесува 300 до 350 евра, но доколку сте доволно упорни, можно е да добиете и подобра цена.
Најважно е да ги исполнувате следните услови: косата да биде минимално долга 45 сантиметри кај возрасни и 40 сантиметри кај деца. Идеално би било доколку косата не е третирана, односно не е фарбана, да е здрава и негувана, бидејќи тоа автоматски ја зголемува цената.
Денар разговараше со откупувачи на коса во Скопје, кои со години се занимаваат со изработка на перики од природно влакно.
Па како што велат оттаму, тие нудат 500 евра за килограм коса, а тоа значи дека 100 грама чинат 50 евра. Меѓутоа, многу е тешко да се одреди точната цена без да ја измерите исечената коса.
„Кога ќе дојдете во салон, ние парцијално ви ја шишаме косата и гледаме да не ја чешламе затоа што тоа не би било фер, оти дел од косата би останала на чешелот. На крајот ја мериме целата коса и ја одредуваме конечната цена. Жените обично се изненадуваат кога ќе ја слушнат цифрата, а притоа добиваат и бесплатна нова фризура – вели нашиот соговорник.
Тој предупредува дека постојат и измамници помеѓу откупувачите.
„Никогаш немојте да прифатите да ја продадете својата коса доколку ви е понудена фиксна цена или ви ја одредат цената по слободна проценка. Квалитетот и должината треба да бидат единствените параметри кои одредуваат колку пари ќе добиете. Секогаш проверете дали имаат вага, бидејќи, верувале или не, тенката долга коса на мало девојче може да биде потешка од косата на возрасните, но тоа не може да се процени од око“, ни објасни откупувачот.
Денар разговараше и со 18-годишната Анисија од Скопје, која пред неколку месеци ја скрати косата и ја продаде.
„Имав долга и густа коса, која ми претставуваше гордост и убавина. Но, пред неколку месеци, решив да направам голема промена во мојот изглед и да ја скратам косата. Не само што сакав да се освежам, туку сакав и да помогнам на некој што има потреба од косата. Затоа, ја продадов косата на една компанија која прави перики за луѓе со алопеција или други заболувања. Имав коса долга околу 60 сантиметри, која беше во добра состојба и никогаш не беше фарбана. За неа заработив 1.100 евра, што беше повеќе од што очекував. Со тие пари си го купив велосипедот што го посакував одамна, и цело лето си се возам по градот со него. Многу сум задоволна со мојата одлука, бидејќи не само што сум среќна со мојот нов стил, туку и среќна сум поради тоа што дадов дел од себе на некој што има потреба од тоа”, ни изјави Анисија.