Од вчера граѓаните на Скопје плаќаат за 5% повисоки сметки за парно греење.
Енергетските експерти велат дека ова поскапување, иако е мало, сепак не може да се смета за целосно занемарливо, особено во време на скапотија и инфлација.
„Поскапување за 5% си е поскапување за 5%, и тоа не е малку. Едно домаќинство со просечна сметка за парно од 2.000 денари на месечно ниво, тоа значи дека ќе плаќа околу 100 денари повеќе за парно греење”, велат енергетските експерти со коишто разговараше Денар.
Според нив, ваквото поскапување е неоправдано, оти цената на природниот гас сега била три пати поевтина за разлика од лани, и не е фер поскап цех да плати и онака сиромавиот народ.
Парите од повисоките сметки за парно, велат експертите, ќе заминат за плати на стотиците вработени во државните енергетски претпријатија.
Граѓаните, пак, се жалат дека и најмалото поскапување го чувствуваат и силно ги удира по џебот, бидејќи не можат да врзат крај со крај во месецот.
„Секое поскапување нè погодува, бидејќи живееме од плата до плата. Немаме никакви резерви и не можеме да заштедиме ни денар. Едвај врзуваме месец за месец. Сè што земеме од платата трошиме на сметки и храна. Немаме пари за луксуз или забава”, вели Марина Тодоровска од Центар.
Разочарани од поскапувањето на парното се и пензионерите.
„Јас сум пензионерка со 40 години работен стаж и примам пензија од 16.000 денари. Секој месец морам да плаќам сметка за парно од околу 2.000 денари, а од месецов сметката ќе биде уште повисока. Од владата немам добиено никакво зголемување на пензијата, ниту бонус или помош. Не знам како ќе преживеам со овие цени во оваа скапотија. Храната е скапа, лековите се скапи, а за сметките да не зборувам. Јас сум разочарана и лута на оние кои не ги гледаат нашите проблеми и не прават ништо за да нè заштитат“, коментира Васка Милошевска од Карпош.
Отсега, околу 63.000 домаќинства ќе плаќаат поскапо парно за близу 5 проценти. По три месеци одлагање, Регулаторот одлучи греењето да поскапи.
Со ова сметките од околу 2.000 денари ќе пораснат за 100 денари. За граѓаните кои се приклучени на „железарското“ парно, греењето минимално ќе поевтини.
Во случај да не се користи топлината од „ТЕ-ТО“, поскапувањерто би било 60%, велат од Регулаторна.
Оттаму тврдат дека не прифатиле голем дел од барањата на компаниите кои барале многу поголемо поскапување.
„Вообичаено, одлука за цената на парното носиме во мај или јуни, но сега чекавме да се среди цевководот под мостот Беласица. Причината за тоа е гасот од Те-То кој е поевтин. Затоа сега цените се далеку пониски одошто можеа да бидат и не предизвикавме ценовен шок“, рече претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој им ветува на скопјани дека ќе имаат мирна грејна сезона.
„Сите проблеми со снабдувачите и долгувањата кон Владата се или решени или договорени, па очекувам да имаме мирна грејна сезона. Ги користиме сите механизми што ни стојат на располагање. На почетокот од годината цените на гасот беа многу повисоки, сега се стабилизирани цените, но пак се двапати повисоки од една нормална сезона“, вели Бислимоски.
Откако трае енергетската криза, посочи тој, на ЕСМ му дадовме многу ингеренции, сега мора да ги санира и загубите.
„Секоја реформа што се прави мора да заврши во интерес на потрошувачите. Не може да преземаме нешто од ЕСМ и да се качат цените. Реформи значат подобрување на стандардите. Сега ги зголемивме цените оти мораме да враќаме долгови. Те-То можеби нема да даде доволно топлинска енергија поради доцнење на цевководот под мостот Беласица, ама тоа нема да биде на грбот на граѓаните. Народот плаќал и преплаќал. ЕСМ се престрои и парно мора да има“, порача Бислимовски.