Подобрување и модернизација на инфраструктурата и технологијата што се користи за ракување со регистрираниот багаж на патниците на Меѓународнот аеродром Скопје, најавува концесионерот, ТАВ Македонија.
Од 9 октомври таму се врши надградба на системот за ракување со багаж/ baggage handling system (BHS), процес што се очекува да заврши до крајот на месецов. И концесионерот и Министерството за транспорт и врски велат дека преземаат активности за што повеќе нови дестинации за патниците и очекуваат да продолжи растот во секторот и покрај глобалната инфлаторната клима и најновите геополитички случувања.
Според ТАВ, општо земено, и со оглед на моменталната геополитичка ситуација на глобално ниво, одредени модели на поврзување можеби се променети, но изгледите за годинава и понатаму, во однос на воздушното поврзување се очекува да се подобрат. Ресорното Министерство, пак, информира дека има интерес од странски авиокомпании да влезат на македонскиот пазар, но се уште се прават анализи дали ќе се објави уште еден повик за субвенционирани летови до крајот на годинава.
Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија, за МИА објасни дека системот што го надградуваат на Скопскиот аеродром, ја вклучува целата опрема, систем и софтвер кои работат за багажот што треба да се провери со рентген и да се сортира според летот и дестинацијата.
-Досега го имавме системот за ракување со багаж кој работи со стандардна 2 конфигурација на скенери и систем за рендген. Со активностите кои се во тек, или редизајнирање и реконфигурирање на системот, ќе го надградиме со помоќна технологија која е како компјутерска томографија, односно со машини т.н. „standard 3”.Во пракса, тоа значи демонтирање на опремата „стандард 2” и инсталирање на нова, „стандард 3” опрема и најнова технологија, вели Курт.
Во периодот на демонтирање и инсталирање не се соочиле со никаков прекин во опслугата на багажот, а вработените од одделот за Техника нашле начин како да се ракува со багажот во овој преоден рок.
-Надградбата не значи само физичко инсталирање на нови машини, туку целиот процес е проследен и со период на тестирање, кој исто така е од огромно значење. Ова е причината поради која се огласивме во јавноста и ги советувавме патниците да пристигнат на аеродромот 3 часа пред времето на поаѓање на нивниот лет. Ова го направивме со цел да имаме непречен процес на пријавување во случај да се појави некаков проблем со заднинските активности поврзани со процесот на ракување со багаж и да избегнеме доцнење на летовите, на авионите. Согласно планираните активности, а и според завршените фази досега, веруваме дека до крајот на ноември, а можеби и порано, ќе ја завршиме целата надградба, најавува Курт.