Неуромедика е првиот приватен медицински бренд во Македонија кој веќе 26 години работи на полето на современа и напредна здравствена заштита. 26 години искуство поминати низ константен раст и развој, и стремеж да се достигне врвно здравство и беспрекорни услови за лекување на нашите пациенти. Низ постојаното вложување и унапредување на работниот процес Неуромедика придонесува кон подобрување на квалитетот на медицинските услугите кои ги нуди. Посебен акцент на работата болницата Неуромедика е ставен на современата дијагностичка медицинска апаратура и комплетната 24 часовна медицинска услуга со вклучена домашна посета и санитетски транспорт од страна на нашите медицински екипи.
Тимот на НЕУРУМЕДИКА е составен од искусни и професионални доктори и медицински лица чијашто основна цел е грижата за здравјето на секој пациент. Распогаламе со стручен медицински тим кој е секогаш достапен за консултации со пациенти. Нашите вработени имаат можност преку работа со најсовремена опрема и технологија максимално да придонесат кон подобрување на здравјето на луѓето.
Откако дознавме за условите за работа и бенефициите кои нуди НЕУРОМЕДИКА како работодавач преку интервјуто со главната медицинска сестра Марина Сапунџиева, редакцијата на Vrabotuvanje.com оди чекор понатаму и овој пат преку разговор со Проф. Д-р Миодраг Врчаковски – радиолог и невролог во болницата – ви октриваме како изгледа работниот ден во НЕУРОМЕДИКА.
Проф. Д-р Миодраг Врчаковски е дел од Неуромедика од 2015 година. Сакавме да дознаеме како тој дознал за слободното работно место во болницата и со што се занимавал пред да стане дел од Неуромедика?
Проф. Д-р Миодраг Врчаковски: За моето вработување во Неуромедика најзаслужен е креативниот и инвентивен член на менаџерскиот тим на Неуромедика - Аритон Кандикјан кој по моето пензионирање директно контактираше со мене како и визионерската интуитивност на Директорот на Неуромедика Г-дин Емил Угриновски.
Во Неуромедика дојдов како професионално активен и радиоактивен пензионер (На Антена 5 Радио секое неделно утро повеке од 13 години ја водам емисијата Соул Рели.)
Докторската професија за многумина е работа од соништата. Запрашавме дали е така и за Проф. Д-р Миодраг Врчаковски?
Проф. Д-р Миодраг Врчаковски: Апсолутно. Работата во Неуромедика ми преставува огромно задоволство да не кажам вистинско и големо хоби. Уживам во секоја секунда од времето.
Професијата доктор е многу хумана, но и сериозна професија. Не интересираше и кои се предизвиците со кои се соочува еден доктор?
Проф. Д-р Миодраг Врчаковски: Докторската професија е тешка и одговорна работа. Ние докторите го посветуваме животот на нашите пациенти. Нивните страдања, болести и судбини стануваат дел од нашето секојдневие, стануваат и наши судбини кои цел живот не следат. А некои болести се немилосрдни и за нив сеуште нема лек. На таквите пациенти ние сме им единсвената светла точка, единствената утеха и надеж. Можете ли да претпоставите колку тешко време е тоа? И тоа е мојата причината зошто мојата утеха и релаксација ја наоѓам во спокојството на вечни и бесконечни простори на уметноста, на музиката.
Итните случаи се дел од секојдневието на секој доктор. Откриваме како Проф Д-р Миодраг Врчаковски се справува со итните случаи?
Проф. Д-р Миодраг Врчаковски: За мене секој случај е итен. Пациентот има проблем и јас се обидувам да го решам најбрзо што можам. Кај мене резултатите се добиваат истиот момент кога прегледот ќе биде завршен а во државните установи за резултат се чека и десетина дена.
Сакавме да дознаеме и што е она во што Неуромедика е пред другите болници, како за вработените, така и за пациентите?
Проф. Д-р Миодраг Врчаковски: Лесно прашање и едноставен и логичен одговор. На едно место собрани врвни искусни специјалисти кои работат тимски и секој пациент го дијагностицираат и третираат брзо и на највисоко можно ново. За мене е уживање да работам со такви колеги и да бидам дел од тимот. Најголема награда за мене е кога гледам задоволни и насмеани пациенти пресреќни што токму кај нас, во Неуромедика успеале да го откријат лекот за својата болест.
Неуромедика е место кадешто секој професионалец може да го реализира својот потенцијал. Проф. Д-р Миодраг Врчаковски ни открива на што работи во моментов и кои се неговите достигнувања во Неуромедика?
Проф. Д-р Миодраг Врчаковски: За мене Неуромедика е Елдорадо за успешна и креативна научна работа, за високи научни дострели на светско ниво. Токму овде открив, објавив и презентирав неколку малку познати и многу ретки случаи. Случаи кои во другите здравствени установи не успеале да ги дијагностицираат.
Овие месеци со огромен елан работам на мојата нова, шеста по ред монографија под наслов „Вистини и заблуди за дискус херниите. Во неа презентирам сознанија кои никој досега не успеал да ги одгатне.
На прашањето дали и колку е важна тимската работа за еден медицински тим Проф. Д-р Миодраг Врчаковски беше краток и јасен.
Проф. Д-р Миодраг Врчаковски: Па јас веќе ви одговорив. Без тимска работа нема успех во професијата.
За крај, го запрашавме Проф. Д-р Миодраг Врчаковски за тоа кој е неговиот совет до сите идни колеги кои сакаат да аплицираат на позицијата доктор?
Проф. Д-р Миодраг Врчаковски: За успех во професијата најважна е љубовта и посветеноста. И докторската професија е уметност, ако не си вистински уметник никогаш нема да создадеш големо дело. А најдобри судии за вредностите на таа наша докторка уметност се пациентите. Само нивниот суд е вистински.