Винарската визба Тиквеш, Макпромет, ЗК Пелагонија, Пекабеско, Пелистерка, Витаминка, Жито Лукс, Прилепска пиваница и Оранжерии Хамзали се компаниите кои во првите девет месеци од годинава оствариле зголемена добивка.
Холандски кашкавал во супермаркетите е поевтин од домашниот, исто како што увозното пиво е поевтино од македонските. Граѓаните кои секојдневно купуваат храна се прашуваат како е ова можно, а апсурдната ситуација продолжува и откако владата утврди „гарантирана цена“ за дел од прехранбените производи до крајот на 2023 година. Податоците кои ги анализираше Мета.мк покажуваат дека најголемиот дел од прехранбените компании во земјава досега работеле со зголемен профит или над позитивната нула во првите девет месеци од годинава.
Во октомври 2023 година, стапката на инфлација бележи тренд на опаѓање, иако трошоците на живот се повисоки за 3,5 отсто во однос на октомври 2022 година. Цените на маало пак овој месец бележеле раст од 3,4 отсто во споредба со лани. Иако инфлацијата забавува, сепак цените на прехранбените производи во Македонија и понатаму растат. Храната и безалкохолните пијалоци имаат раст од 1 отсто во октомври 2023 споредено со истиот месец од минатата година. Лани пак, храната во земјава значително поскапе во однос на 2021 година.
Но, каква е состојбата со финансиската добивка на македонските компании од прехранбениот сектор? Мета.мк изврши анализа на неревидираните финансиски извештаи за успех на сите прехранбени акционерски друштва кои котираат на Македонската берза и досега ги објавија билансите за успех за првите девет месеци од 2023 година. Дел од финансиските извештаи се консолидирани, а некои од компаниите досега објавија само неконсолидирани.
Од вкупно 17 македонски прехранбени компании кои котираат на берзата и ги имаат објавено финансиските извештаи, во првите девет месеци од 2023 година само три компании произведувале со загуба. Најголемиот дел од фирмите, вкупно девет, имале зголемена добивка од работењето досега во годинава, додека пет компании од јануари до септември 2023 година оствариле профит, но истиот бил помал во споредба со 2022 година.
Целиот текст е ОВДЕ