Родителите на основците и годинава „затечени“ од цените на училишните екскурзии, со оглед дека првичните понуди пристигнаа во училиштата.
Со истата сума, може да поминеме викенд цело семејество, реагира мајка на шестооделенец од Скопје.
- За да ги однесеме децата да го видат Кокино, некој манастир или Музејот на Тоше и цело Крушево, цело семејство ќе прошетаме и ќе јадеме во ресторан со 3.000 денари, вели еден татко кој појаснува дека за ваков тип на еднодневна екскурзија, освен регуларната цена, ќе мора да му дадат плус пари на детето за трошок.
Многумина споделуваат дека не секогаш се задоволни од организацијата на училишните екскурзии, но дека нема каде да се пожалат, откако веќе платиле.
- Минатата година имавме неубаво искуство со училишната екскурзија, па за годинава ќе размислам дали ќе го пуштам помалиот син. Плативме 3.800 денари за два дена, за спиење во Дојран каде наместо во хотел ги сместија во кампови на ладно, споделува една мајка на седмооделенец.
Додава дека и храната не била во ред за деца, па така децата морале да купуваат хамбургери од по 250 денари.
Освен цената за екскурзијата, за која има опција да се плаќа на рати, потребен е „џепарлак“ за таму. Така, родителите реагираат дека треба да одвојат дури и над 100 евра за два дена за едно дете. Многумина велат дека, со животниот стандард, се размислува и за кредит за да им се овозможи на две деца патувања со друштвото.
Дел од родителите проблемот со превисоките цени го лоцираат и во недостатокот на волја кај државата, да се субвенционира дел од овие патувања.
- Се убаво што се дружат, што одат да ги посетат знаменитостите во земјава, но сметам дека потребно е дел од трошоците да покрива државата. Преголем терет е за родителите. Освен редовните екскурзии, плаќаме и кога ги водат во Скопје, на еднодневни посети и прошетки, споделува родител од внатрешноста на земјава.
Од училиштата не сакаат да говорат на темава, но во неформален разговор појаснуваат дека секогаш, во соработка со родителите ја избораат најповолната попнуда од агенциите од каде им се остава и опција за плаќање на рати и секогаш водат сметка за безбеден превоз и квалитетна храна за учениците за време на екскурзиите.
Договорот кој го склучува директорот на училиштето со понудувачот треба да содржи сè што е наведено во понудата, согласно барањето за прибирање понуди. Тука спаѓаат поединечната и вкупната цена на услугата (сместување, превоз и исхрана), условите за сместување, менито за исхрана и превоз. Во цената треба да влезе и посебното осигурување на учениците. Мора да е утврден начинот на плаќањето, да бидат наведени водичите, бројот на наставници и лекарот, како и поволностите за ученици што потекнуваат од социјално загрозени семејства, вели законот.
Согласно програмите учениците од трето одделение имаат еднодневна, од шесто дводневна и од деветто одделение тродневна екскурзија.
Со оглед на поскапените цени на храната и останатите трошоци за домаќинствата, сѐ поочигледно е дека училишните екскурзии стануваат луксуз!