На први декември, кога почнува климатолошката зима ќе имаме вистински пролетен ден!
Во следниот период, односно до самиот крај на оваа седмица Балканот го очекува голем температурен шок (огромна разлика на температурите за многу кратко време). Најпрво следува големо затоплување на времето, како и продор на топла воздушна маса од југ, а многу набрзо и голем продор на поларниот вртлог од север пишува метеопрогнозерот Славчо Попоски во најновата временска анализа.
На први декември, кога почнува климатолошката зима ќе имаме вистински пролетен ден, со пролетни температури на воздухот и ветер од јужен правец. Најтопло ќе биде во Босна и Херцеговина, Хрватска, како и во соседна Србија и таму понекаде температурите ќе се искачат дури до 22 степени.
Кај нас во Македонија во петок и во сабота во најтоплите централни и југоисточни предели температурата локално ќе се искачи и до 18 степени. Натпросечно високи и позитивни ќе бидат и минималните утрински температури на воздухот.
Како што претходно најавиви Попоски, ова затоплување нема да трае многу долго. Веќе од недела на Балканот пристигнува нов голем продор на поларниот вртлог од север, во регионот барем според моменталните анализи се очекуваат нови врнежи од снег, како и нова снежна покривка. Кај нас врнежи ќе има во недела и тие ќе бидат од дожд на пониските места, како и од снег на планинските места и на скијачките центри.
Од недела теммпературите значително ќе се намалат и ветерот од јужен, ќе се промени во северен правец. Температурната разлика ќе биде огромна, се очекува температурна разлика дури и за повеќе од 20 степени за многу кратко време. Во земјите од регионот, температурите од недела наутро понекаде ќе се спуштат дури и под -10 степени, а минусни температури понекаде ќе има и преку ден.
Кај нас овој продор на поларниот вртлог барем одсега гледано, нема премногу да се почувствува и температурите на воздухот ќе останат позитивни, освен на високите планини каде тие ќе бидат под нулата, прогнозира Попоски.