Ако се ценат најавите и резервациите во помалите хотели долж охридското крајбрежје Охрид за Нова година ќе биде полн со туристи.
Дел од нив се веќе распродадени, додека поголемите хотелски објекти иако има интерес ќе треба подолго време за да ги исполнат своите капацитети. Покрај домашните гости новата 2024 година во Охрид ќе ја дочекаат главно домашни и гости од регионот.
Резервациите на новогодишните аранжмани во хотелите говорат дека Охрид за Нова година ќе биде исполнет со гости. Одамна не се случило дел од хотелите да бидат скоро целосно распродадени пред крајот на ноември.
Иако помалите хотелски објекти се исполнети уште пред една недела, тоа не може да се каже за поголемите објекти од каде доаѓаат информации дека се очекуваат гости од земјава и странство, а во некои од нив нема да се одржи ниту традиционалниот дочек со свечена вечера.
„Оваа година изненадувачки добро помина продажбата. Структурата на гости во најголем дел се од соседните држави и тоа во некоја процентуалност од 70 до 80 проценти гости ни доаѓаат од соседна Србија и 15 до 20 проценти отпаѓаат на гости од соседна Бугарија“, изјави Зоран Јанчески-менаџер на хотел.
Со цел да се привлечат што повеќе гости за новогодишните празници дел од хотелиерите воведуваат новини во нивната понуда.
„Има традиционално дочек како и другите години и втората вечер исто така ќе има повторување на некој начин на тој дочек, но за прв пат оваа година има и дел од гостите се на некој вид на ол инклузив услуга во однос на ресторанскиот дел. Така што имаме новини во тој дел“, изјави Јоцо Николоски-менаџер на сервис во хотел.
Во текот на новогодишните празници се очекува солидна исполнетост на индивидуалните сместувачки капацитети, како и на рестораните.