"Според повеќето показатели, бевме попродуктивни, но помалку ефикасни. Мораме да бидеме и двете"
Платформата за стриминг на музика Spotify во понеделникот соопшти дека ќе отпушти околу 1.500 вработени, или 17 отсто од вкупната работна сила, за да ги намали трошоците.
Ова е трет пат оваа година Spotify да отпушта луѓе. Во јануари биле отпуштени 600 вработени, а во јуни 200.
По големиот број отпуштања во технолошките компании на почетокот на годината, некои повторно почнаа да ја намалуваат или најавуваат намалување на работната сила.
Извршниот директор на Spotify, Даниел Ек, им се обрати на вработените и рече дека компанијата вработила повеќе во 2020 и 2021 година поради пониските капитални трошоци и како што растело нејзиното производство.
Spotify инвестираше повеќе од 1 милијарда долари за да го изгради својот бизнис со подкасти, да донесе познати личности како Ким Кардашијан, принцот Хари и Меган Маркл и да го прошири своето присуство на пазарот во повеќето земји во светот во својата потрага да го достигне својот милијардити корисник до 2030 година.
Во моментов има 601 милион корисници, во споредба со 345 милиони на крајот на 2020 година.
Во третиот квартал, компанијата оствари профит како резултат на зголемувањето на цените на услугите за стриминг и растот на претплатниците во сите региони, а компанијата прогнозираше дека нејзиниот број на месечни слушатели ќе достигне 601 милион во празничниот квартал.
Ек во понеделникот рече дека бројот на отпуштања може да изгледа висок со оглед на неодамнешниот позитивен извештај за заработка и перформанси.
-Според повеќето показатели, бевме попродуктивни, но помалку ефикасни. Мораме да бидеме и двете, објасни тој.
Од понеделник компанијата ќе почне да ги информира вработените кои се отпуштени. Ќе им бидат исплатени уште пет месеци, а во тој период ќе имаат регрес за годишен одмор и здравствено осигурување.
Компанијата ќе понуди и имиграциска поддршка за вработените чиј статус е поврзан со нивното вработување.