Комплекс на згради со различна катност, меѓу кои двете највисоки ќе бидат со по 35 ката, поточно со приземје и 34 ката ќе се гради во Тафталиџе на просторот кај поранешната фабрика „Алумина“. јавува ТЕЛМА
Едната од нив, според предложениот Детален урбанистички план, е наменета за деловни простории, додека другата ќе биде станбена зграда. Покрај нив, на овој простор ќе има и две 14-катници, една десеткатница и две згради на 9 ката, сите наменети за домување.
Според она што може да се види на 3Д приказот во прилог на јавната презентација на ДУП за Градска четврт 3 06, блок 11, објавен на веб-страницата на Општина Карпош, на просторот ќе се изградат модерни згради, со зелени тераси и покриви, а меѓу објектите ќе има зеленило и пешачки патеки.
Станува збор за плански опфат кој се наоѓа меѓу улицата Прашка, булеварите 8 Септември и Митрополит Теодосиј Гологанов, како и новопроектираната улица С6. Предлог ДУП-от во моментов е на јавна анкета, која ќе трае до 15 декември, а на 12 декември ќе се одржи и јавна презентација во просториите на Општината, каде граѓаните кои живеат во овој плански опфат можат да доставуваат и анкетни листови секој работен ден од 7.30 до 15.30 часот.
Извор: Телма