Студ, сонце, дожд, облачно, снег, магла…се воглавно временски услови кои речиси секојдневно се менуваат во Македонија, а според прогнозата времето денеска претпладне во западните и источните делови ќе биде со услови за слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла.
Во текот на денот ќе биде сончево со мала, а во западните делови со умерена до значителна облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени.
Ваквата промена на временските услови влијае на здравјето на луѓето и можна е појава на нервоза од метеоропатски реакции. Особено треба да внимаваат хронично болните, а се препорачува претпазливост за срцеви и пациенти кои имаат проблеми со нервниот систем. Можни се главоболки и раздразливост.
„Кога се менува времето, уморни сме и не можеме да заспиеме, кога врне дожд ни доаѓа главоболка, а кога дува ветер нервозни сме и раздразливи. Последиците од времето особено ги чувствуваат луѓето кои боледуваат од некои хронични заболувања на срцето и протокот на крв, дишните органи, астма, ревматизам и артритис. Симптомите на овие болести брзо се влошуваат поради влијанието на времето, особено нагли промени и екстремни климатски настани. Покрај хроничните пациенти и и кај здравите луѓе кои се чувствителни на временските промени – метеоропати, можна е појава на реакции“, велат лекарите.