Владата донесе 5 нови закони за реформа на јавната администрација, со цел да ја подобри нејзината ефикасност, транспарентност и одговорност. Еден од најзначајните закони е Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, кој предвидува задолжителна обука и испит за сите вработени во јавната администрација.
Според овој закон, административните службеници, како и раководните лица, освен државниот испит, ќе мора да поминат обука од 120 часа, која ќе им ги всади потребните вештини и знаења за успешно извршување на нивните работни задачи.
Како што неофициално дознаваме од владини извори, обуката ќе биде концепирана според меѓународните стандарди и ќе опфати 10 области, како што се: правни основи на јавната администрација, етика и интегритет, управување со човечки ресурси, финансиско управување, електронско управување и дигитална трансформација, комуникација и јавни односи, управување со промени и иновации, управување со проекти, управување со квалитет и управување со кризи.
По завршувањето на обуката, службениците ќе положат писмен дел, кој ќе ги тестира нивните компетенции. За да го положат испитот, службениците ќе мора да освојат барем 60 од 100 можни бодови. Доколку не успеат да го положат испитот од првиот обид, ќе имаат уште една можност во рок од три месеци. Ако и вториот обид биде неуспешен, тоа ќе значи престанок на работниот однос на службеникот, според законот.
Службениците кои ќе го положат испитот ќе добијат доживотно уверение, со кое ќе им се потврдат нивните работни компетенции.
Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација, соопшти уште една новина, а тоа е дека се забранува вработување во државна администрација преку Агенција за привремено вработување и вработување раководни лица на определено време.
„Не помалку важен е и делот дека планирањето на вработувањата се ограничуваат на не повеќе од 5 отсто од вкупниот број вработени во институцијата, а согласност ќе дава Министерството за финансии“, рече министерот.
За да се обезбеди квалитетна и стандардизирана обука, Владата ќе формира Центар за стручно образование, кој ќе биде одговорен за креирање и за спроведување на образовните програми, како и за организирање и оценување на испитите. Центарот ќе биде воден од директор и заменик, кои ќе бидат именувани и разрешени од Владата.
Овој закон е дел од пакетот од пет закони за реформа на јавната администрација, кои Владата ги донесе на владина седница.