Од почетокот на 2024 година, Франција ќе нуди државен лизинг за електрични автомобили по повластена рата.
Франција осмисли посебен начин за електричните автомобили да ги направи достапни за сите. Од почетокот на следната година, државата ќе нуди лизинг по цена меѓу 100 и 150 евра месечно. Понудата е наменета првенствено за жителите што патуваат секојдневно до работа и имаат пониски примања.
Главниот услов да се добие право на лизинг по повластена рата од француската држава е да се живее најмалку 15 километри од работното место. Програмата ги опфаќа исклучиво електричните возила од домашните марки Ситроен, Пежо и Рено. Моделите со електричен погон на Опел и Фиат исто така се вклучени во програмата, затоа што се дел од концернот Стелантис, заедно со Пежо и Ситроен.
Возилата за лизинг не смее да чинат над 47.000 евра и не смее да тежат над 2,4 тони. Соодветно на цената и тежината на возилото се одредува и висината на ратата на лизингот, меѓутоа таа нема да надмине 150 евра.
Новата програма на француската влада се приклучува на лизингот на користени електрични автомобили и стари возила што се префрлени на електричен погон. Овие возила не смее да се регистирани првпат пред повеќе од 3,5 години.
Емануел Макрон го исполни изборното ветување
Со воведувањето на државниот лизинг за електрични автомобили за 100 евра месечно, претседателот Макрон исполни едно од изборите ветувања од 2022 година. Француската влада очекува во 2024 година да добие барања за 20.000 до 25.000 електрични возила во рамки на програмата за државен лизинг.
Франција им дава предимство на возилата од Европа
Со одредувањето возилата да се произведени во Европа, односно во Франција, програмата за државен лизинг излегува во пресрет на намерата на владата да ја зајакне домашната автомобилска индустрија. Макрон директно им се обрати на Французите: „Целта е да Ви помогнеме да купите пред сé автомобили што се произведени кај нас.“
Субвенциите за купување електрични возила уште од претходно се приспособени според планот на владата. Помошта за купување автомобили на струја во меѓувреме се исплаќа единствено за возила од домашно производство. За овој заштитнички пристап, властите прво бараат агенцијата за животна средина Адем, да оцени кои возила се погодни за субвенционирање. Агенцијата притоа го зема предвид целиот процес на производство, односно потеклото на енергијата што се користи во фабриките. Тоа главно ги исклучува кинеските производители, коишто претежно користат енергија од јаглен.