Поради се повисоките зимски температури и помалку врнежи, особено снег, планинските зимски центри се во опасност да мора да стават клуч на бравата во наредните години.
Огромното мнозинство скијачки центри ќе продолжат да работат со помош на вештачки снег и покрај сè почувствителните климатски промени. Во исто време, се пробиваат некои други форми на зимски туризам.
„Циркулираат хорор приказни дека повеќе нема да имаме зимски туризам“, изјави Јирген Шмуде, експерт за туризам од Минхен, пренесува ДПА.
Тој наведува дека зимскиот спортски туризам ќе го изгуби своето значење, но зимскиот туризам како таков нема.
Последната зимска сезона беше толку слаба, што во зимскиот центар Лангрис во Баварија, скијачката патека мораше повремено да се затвора. Сепак, сè укажува дека инфлацијата, атмосферата на криза и стравот од недостиг на снег нема да ги заплашат гостите.
„Секогаш треба да се гледаат поединечни случаи, но веројатно ќе имаме просторна концентрација на поголеми локации и оние на повисоки надморски височини, додека скијачките центри на пониски височини ќе се најдат во тешкотии“, рече Шмуде.
Во август, група меѓународни научници објавија студија од висок профил што укажува дека климатските промени ќе ги влошат проблемите во ски-центрите на Алпите, имено проблемите со недостаток на снег, снабдување со вода и потрошувачка на енергија.