Ригорозни мерки за пушачите во 2024 година најави денес министерот за здравство.
Одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот став за загадувањето кое ги полни болниците и дали треба да има мерки за заштита, министерот Меџити прво кажа дека тоа е надлежност на Министерството за животна средина, а потоа сподели момент од денешниот утрински колегиум кој се однесува на засилени мерки против пушењето.
„Еве денеска имав внатрешен колегиум со службите, го одржуваме секој понеделник наутро. Она што можам да ви најавам е дека ќе има ригорозни мерки за пушењето наредната, 2024 година. Ќе потпишеме протокол со Светска здравствена организација. Е сега нека си ја мислат пушачите како понатаму“, рече министерот Меџити.
И сегашниот закон за заштита од пушење предвидува ригорозни мерки кои исклучуваат можност за пушење во институции, но посебно во Скопје, речиси и да нема институција која не мириса на чад од цигари. Кафеаните и кафулињата цела година работат во летни тераси каде што е дозволено пушење, а има и такви кои само декларативно забранија пушење па не ставаат пепелници на масите, но им кажуваат на гостите отпушоците да фрлаат на подот оти поради инспекциите не смееле да постават пепелници.