И натаму се помалку граѓани го користат кешот при купување. Податоците на Народната банка покажуваат дека постои раст на безготовинските платежни трансакции со платежни картички и електронски иницираните кредитни трансфери во земјата. Последните објавени податоци се однесуваат за периодот од третиот квартал од 2023 година. Според извештајот на Народната банка во анализираниот период забележан е нагорен тренд во употребата на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата, особено од граѓаните, како на платежните картички, така и на мобилните апликации за електронско иницирање на кредитните трансфери, т.н. платни налози.
Информациите од Централната банка велат дека годишниот раст на употребата на платежните картички издадени во земјата за готовински трансакции и за плаќање производи и услуги во земјата од страна на граѓаните во третиот квартал од оваа година, во споредба со истиот период минатата година, изнесува 12,8% кај бројот и 10,0% кај вредноста на овие трансакции. Притоа, значителен годишен раст од 15,1% е забележан кај употребата на картичките за плаќање производи и услуги во земјата, којшто пред сѐ се должи на посилниот раст на плаќањата на физичките места на продажба од 15,9%, но и солиден раст од 9,0% на плаќањата на виртуелните или интернет продажни места.
„Плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери (т.н. платни налози) во истиот период забележаа годишен раст од 9,3% кај вредноста и 5,0% кај бројот на остварените трансакции, при натамошна зголемена употреба на електронското банкарство за иницирање на овие плаќања. Имено, бројот на електронски иницираните платни налози во третиот квартал од 2023 година забележа годишен раст од 16,1%, што е повеќе за 10,8 п.п. од годишниот раст во третиот квартал од 2022 година (5,3%). Во споредба со истиот период од 2022 година, се забележува позитивен нагорен тренд особено кај употребата на апликациите на мобилните телефони, или годишен раст од 19,5%, како и кај употребата на компјутерите за извршување на плаќањата (11,8%).“ се наведува во извештајот на Народната банка.
Дека Е – трговијата е во вистински подем во земјава даваат потврда и податоците на Ацоцијацијата на електронска трговија во Македонија каде може да се забележи дека во првата половина од 2023 година има раст од речиси 20 отсто во споредба со истиот период лани. Само во тој периот македонците преку интернет шопинг потрошиле над 220 милиони евра и тоа во домашни онлајн продавници.